Двотретинското мнозинство за уставни измени не е потребно на Владата, тоа е потребно на граѓаните и на државата, бидејќи една од одлуките до полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ е внесувањето на делови од други заедници во нашиот Устав, кажа премиерот Димитар Ковачевски во гостувањето во ТВ24. Според него на тој пат до целосно зачленување постојат и други одлуки кои што ќе се носат и за кои повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство, како што се реформа на правосудниот систем, обвинителскиот систем, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализација.
-Тоа се се одлуки кои што се носат со двотретинско мнозинство во Парламентот, затоа велам дека овие одлуки кои што се од стратешко значење не треба да бидат предмет на дневна политика, тоа има примери во држави како што е Хрватска, каде што и тие носеа тешки одлуки до зачленувањето во ЕУ, меѓутоа тие одлуки не беа дел од дневна политика и затоа велам дека опозицијата треба да учествува во овој процес, и ова треба да биде обврска и одговорност на сите 120 пратеници во Собранието, бидејќи преку тие одлуки се одлучува за иднината на нашите сегашни и идни генерации, рече Ковачевски.
Во однос на прашањето како ќе ја убеди опозицијата во оваа насока тој одговори:
-Првин за влада се потребни 61 глас, оваа влада има 65 гласа, за уставни измени се потребни две третини и да ги одвоиме тие процеси, тоа се два различни процеси. Јас истото ви го велам во оваа прашање вие ја доловивте суштината на тоа се случува. Овие одлуки не треба да бидат предмет на уцена, бидејќи има уште одлуки кои што треба да се носат до финално зачленување во ЕУ…Ама ВМРО-ДПМНЕ до сега не поддржала ни една одлука за зачленување на Македонија во НАТО или ЕУ. Кажете ми една одлука која тие ја поддржале, беа против зачленување во НАТО, тие не влегоа во собраниската сала кога го гласавме договорот Фронтекс, Фронтекс е договор помеѓу нашата држава и ЕУ каде за прв пат на еден договор стојат сите официјални јазици на ЕУ и македонскиот јазик без никакви појаснувања, додавки или фусноти, и не влегоа во собраниската сала и не го гласаа, значи за каква поддршка ние зборуваме, тие секогаш имаме декларативна поддршка меѓутоа никогаш немала реална поддршка, затоа сега треба да се исправат себе си, да дадат реална поддршка на овој процес. Процесот на уставни измени е структуиран процес, значи првин започнува со експертска комисија во МП кое што ќе биде составено од експерти и кое што ќе вклучува експерти, јасно е дека треба да вклучува експерти и од опозицијата, рече Ковачевски.