„Власта со својата ПР машинерија прави дефокус, дефокус од нивната неспособност. А, тоа што мислат дека испраќаат порака дека народот треба да им се плаши и дека тие се најмоќните мислам дека уште кратко време ќе трае. Свесни се на тоа и затоа гледаат да го искористат ова уште малку време што им останува со Димитар Ковачевски како марионета од премиер”, истакна Дафина Стојаноска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „За или против” на Алфа телевизија.
Стојаноска додаде дека беспотребно фрлаат пари на ПР и се обидуваат да прикажат една розова слика во Македонија, но пред само неколку дена се случи во Скопје убиство како од филмовите.
„Јас ќе кажам дека се плашам дека не само што нема да биде последен, туку таквите случаи ќе зачестат и можеби со поголем број на жртви или загрозување на безбедноста на поголем број на невини лица”, рече Стојаноска.
Таа посочи дека се повеќе меѓу граѓаните се зборува дека е јавна тајна да ваков криминал, ваква трговија со дрога се случува поради вмешаноста на вработените во структурите на министерството за внатрешни работи.
„И затоа прогнозирам, се плашам дека овие работи се повеќе ќе ни станат секојдневие, а не гледам дека некој ќе се заземе да ги разрешува, затоа што сериозно јас мислам и се повикувам на јавното мислење на граѓаните дека тука има сериозна вмешаност на институциите кои што овие случаи треба да ги разрешуваат, а не да бидат вмешани во истите”, појасни Стојаноска.
Пратеничката рече дека со право паѓа довербата на граѓаните во институциите, како што падна под 4% за судството.
Стојаноска во текот на гостувањето се осврна и на скандалот со надзорот на Коридорите 8 и 10Д, каде што рече дека власта е длабоко вмешана во овој криминал.
„Патната инфраструктура ни е болна тема, но многу побитно прашање е колку и кој ќе го зеде профитот, процентот кој што никогаш нема да биде напишан на документ. Затоа што гледаме кој ќе го врши надзорот на Коридорите 8 и 10Д”, рече таа.
А, во врска со случајот како синот на Талат Џафери положил Правосуден испит пред да дипломира, Стојаноска укажа дека треба институциите да реагираат, а не да молчат.
„Јас еве како родител ќе се оградам зошто синот на Талат Џафери станува јавен обвинител, нели ја завршил Академијата за судии и јавни обвинители. Мене најмногу ми е сомнителен и мислам дека на тој чин најмногу треба да реагираат институциите, а тоа е нели стекнувањето со документот за положен Правосуден испит пред да се дипломира. Мислам дека тоа е најголемиот преседан”, истакна Стојаноска.
Стојаноска додаде дека и синот на Талат Џафери не е единствен лик кој што се стекнал до документ за положен Правосуден испит пред да дипломира. Јавноста виде дека противзаконски имаше луѓе кои што биле ангажирани во извршна власт, и во тоа време противзаконски се стекнале со некои звања.