Сајбер-криминалната група „Ransom House“ минатата недела хакираше клиника во Барселона и сега бара 4,5 милиони долари за да не се објавуваат украдени податоци за пациентите.
Владините претставници рекоа дека немаат намера да се согласат со барањата на хакерите, што ја натера каталонската полиција Мосос да предупреди дека постои голема веројатност податоците за пациентите да бидат објавени, пишува шпанска „Лавангардија“.
Мосос наведува дека ќе се обиде да спречи ширење информации на „dark web“, но признава дека ќе биде тешко.
Поради заканата, клиниката откажа повеќе од 4.000 тестирања на амбулантските пациенти, повеќе од 300 операции и повеќе од 11.000 амбулантски посети, додека околните болници го презедоа лекувањето со радиотерапија на пациентите со карцином во прв стадиум.
Во клиниката се се прави и натаму рачно поради нападот и оттаму се надеваат дека до понеделник или вторник ќе се воспостави нормално функционирање.
Во меѓувреме, повеќе од 200 компјутери за вонредни ситуации беа инсталирани за да се обезбеди пристап до клиничката документација на пациентите, а 15 отсто од дигиталните системи беа обновени.
Во Каталонија минатата година се случија 600 софтверски напади, главно мали сајбер-измами, што претставува само еден процент од сајбер криминалот.
Според полицискиот вештак, истрагата за овој вид криминал ја отежнува и фактот дека се случува од странство, а шансите да се фатат криминалците се мали.
„Ако мораме да одиме на другата страна на светот да ги бараме овие господа, ќе го направиме тоа. Комплицирана работа е што тие поминуваат од земја во земја кога ќе ги лоцираме“, изјави шефот на каталонската полиција.