Еврокомесарот за заштита на животната средина, море и рибарство Виргиниус Синкевичиус денеска соопшти дека ЕУ сака да одржи заеднички поморски вежби на земјите-членки и на тој начин да обезбеди подобра заштита на критичната инфраструктура.
ЕУ денеска ќе објави ажурирана стратегија за поморска безбедност и ќе предложи секоја година да се одржуваат заеднички поморски вежби на државите-членки.
Стратегија предвидува координација на земјите-членки на ЕУ во заштитата на гасоводите, подводните кабли кои пренесуваат податоци, морските фарми со ветерници, како и друга критична инфраструктура. Планот на Европската унија се потпира на зголемена соработка со НАТО и предвидува повеќе патроли на крајбрежната стража и поефикасно споделување податоци меѓу земјите на ЕУ, со цел потенцијалните закани да се идентификуваат во рана фаза.
Според Синкевичиус, работата на овој план почнала уште пред експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во септември минатата година.