Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на опозициската Партија на слободата (ПЛ), Илир Мета, преку видео-порака вели дека е убеден дека локалните избори на 14 мај ќе бидат историски.
Во коментарот на видео-пораката што ја објави на својата официјална страна на „Фејсбук“, Мета вели дека со овие избори конечно ќе се затвори „поглавјето на монистичката и арогантна власт, која не чувствува никаква одговорност, туку само злоупотребува“.
„Изборите на 14 мај ќе бидат историски, бидејќи конечно ќе го затворат поглавјето на монистичката и арогантна власт, која не дава отчет, туку само злоупотреби и расипништво. Тие ќе бидат историски затоа што ќе ја вратат демократијата и улогата на граѓаните во одлучувањето, а особено ќе ја вратат надежта кај младите во Албанија“, вели Мета во својот коментар.
Првиот човек на ПЛ го изразува и своето убедување дека ништо не може да ги спречи кандидатите на обединетата опозиција, да се пријават, да конкурираат и да победат на овие избори.
„Ништо не може да ги спречи нашите кандидати, да се конкурираат и да победат на овие историски избори, не само да се искорени монизмот на локално ниво и страшната корупција во овие четири години во локалната власт, туку во исто време да се искорени целиот овој пирамидален гангстерски систем, кој ги исклучува граѓаните и само ги троши даноците што тие ги плаќаат“, посочува тој во видеопораката.
Централната изборна комисија го прифати барањето и ја регистрира Партијата на слободата за учество на изборите, исто како и Партијата за заштита на човековите права (партија на Грците) на Вангел Дуле, кои имаат договор за заеднички настап на изборите со крилото на демократите предвоено од Сали Бериша, за кое ЦИК сè уште нема одговор на пријавата за регистрација.