Пецаков задоволен од соработката со државните институции по однос статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО

Општината Охрид и државните институции, работаат на исполнувањето на препораките на УНЕСКО, има напредок, но реализацијата во многу зависи и од расположивите материјални средства, дотолку повеќе што се работи за проблеми наталожувани три децении. Тоа денеска го истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

– Исполнети се дел од препораките. Факт е дека работите се поместени, ако за некоја работа имаме соработка со сите субјекти, тоа е дефинитивно темата околу УНЕСКО. Редовно се одржуваат состаноците на градоначалниците на трите засегнати општини и четирите министри и невладините организации, но факт е дека работите зависат и од финансиските средства, рече тој.

Притоа посочи дека за реализација на проектите за изградба на прочистителните станици во Трпејца и во Љубаништа, како и за канализациската мрежа во селата Долно и Горно Лакочереј, според проценките се потребни околу 12 милиони евра.

– Тие пари Општина Охрид за жал не може сама да ги обезбеди, рече тој додавајќи дека она што сега се работи е изготвување проектна документација со која би се аплицирало за средства што би се обезбедиле преку донации и меѓународни фондови.

Според него, најголем напредок е направен во делот на ставањето ред во урбанизацијата на градот, со изгласувањето на одредбите за искористување на градежните парцели од Советот во 2019 година.

– За мене таа одлука е револуција во ставањето ред  во однос градењето во градот, а се однесува на искористеност на градежната парцела и катност по реони, рече Пецаков.

За Планот за управување со крајбрежјето на езерото, Пецаков рече дека не може да се каже дека има некаков голем напредок. Планот не ги има добиено ниту подлогите, а зависи и од Законот за Студенчишкото Блато.  Процедурата, како што рече, во моментов е закочена поради забелешки и дополнувања доставени  од невладиниот сектор.

– Треба да бидат свесни дека сите оние кои доставуваат извештаи до УНЕСКО, до верски конвеции итн, сите оние кои на еден начин можеби му мислат добро на Охрид, дека брзоплетоста и барање инстант-резулати за кои знаат дека не се возможни може да донесат далекусежни последици по развојот. Тука не мислам на урбанизација туку на генералниот развој на градот, рече Пецаков, повторувајќи дека е одлична соработката на сите инстанци во државата по темата за потребата од заштита на Охридскиот регион, неговиот развој и конечно статусот во УНЕСКО. 

Треба да знаете
Последни објави