Двајца млади Срби се убиени во понеделникот во Копенхаген кога од непознати причини биле нападнати од група тинејџери.
Како што пренесува „Телеграф“, Петар Стешевиќ (17) бил прободен со нож во срцето, додека на неговиот пријател Ненад Ш. (18) му го расекле гркланот.
Петар бил блиску до дома кога се случил нападот. За нападот врз младите момчиња е осомничен 17-годишен Пакистанец, кој наводно пред судот изјавил дека се работело за самоодбрана.
Таткото на Петар, Ненад Стешевиќ изјави дека мајката на Петар телефонски разговарала со синот само неколку минути пред убиството.
-Се се случи на 300 метри од нашата куќа. Вечерта излезе со Ненад Ш. и еден млад Данец. Му се јавила мајка му и тој само и рекол дека е на пат кон дома, а бил многу блиску. Кога набргу не се појавил, таа повторно му се јавила, но тој не одговорил. Тогаш се јавила полиција и кажала дека се случило најлошото – вели таткото на Петар.
Според данските медиуми, наведува Курир, тројцата биле нападнати од група млади момчиња кои не се државјани на таа земја. Петар е прободен со нож во срцето, на Н.Ш му го пресекле грлото, а Данецот имал убодни рани на ногата, јавуваат локалните медиуми.
„ Згасна еден млад живот, еден цвет, една љубов која повеќе не постои, која никој повеќе нема да ја добие. Петар знаеше само да шири љубов, секогаш беше насмеан и среќен, никогаш никаде не одеше без да каже „Те сакам“, рече таткото на Петар и додаде дека се работи за момчиња кои никогаш не правеле проблеми.
„ Петар се занимаваше со спорт, ние сме патријархално семејство, така ги воспитав моите деца. Роден сум во Котор, во Данска дојдов пред 25 години“, вели ожалостениот татко за „Телеграф“, додавајќи дека неговиот син и неговиот убиен пријател биле заедно од градинка.
Петар ќе биде погребан на 15 март на Српските православни гробишта во Копенхаген.