„Колку точно рани има во телата на убиените се знае, но и јас си уште го немам тој податок, го немам извештајот од судска медицина, но 40 до 50 чаури се пронајдени околу телата на убиените. Најголем дел од куршумите се завршени во нивните тела“, откри шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат
Најголем дел од педесетината куршуми испукани во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија завршиле во телата на двајцата убиени, откри во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат Гаврил Бубевски, шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, кое ја координира предистрагата за случајот.
„Колку точно рани има во телата на убиените се знае, но и јас си уште го немам тој податок, го немам извештајот од судска медицина, но 40 до 50 чаури се пронајдени околу телата на убиените. Најголем дел од куршумите се завршени во нивните тела, односно многу малку се завршени надвор“,рече Бубевски.
По информациите дека напаѓачите влегле во локалот униформирани и маскирани и дека на гостите им рекле дека се работи за полициска рација, прашан на кој јазик зборувале, Бубевски рече дека зборувале на македонски јазик, но образложи дека тоа не може да се земе здраво за готово како индиција.
„На македонски јазик, но тоа не е до крај испитано дали се работи за чист македонски јазик, дали се разботи за мешавина. Меѓутоа, тоа е ситуација во која лицата имаат оружје и кога ги добивате овие информации од сведокот малку треба да бидете и претпазливи.
360°: Може да се работи и за лажна трага?
Се испитуваат сите можности што ни стојат на располагање за да видиме дали имаме сериозни траги кон одредени лица“, вели Бубевски.
Тој потврди дека убиството се случило на вториот кат од објектот и рече дека таму немало други гости. Се работело за посебна просторија, а таргет биле тие две лица.
„Со нив имало уште едно лице кое е со минорни повреди и кое не било таргет, иако било во непосредна близина. Таргет очигледно биле тие лица кои на крајот се лишени од живот. Си уште се испитува дали е пукано или се работи за рикошет во неговата нога (на повредениот, н.з.) од ѕид или од нешто друго“,рече тој.
Во кој правец се упатиле напаѓачите откако автомобилот „ауди А6“ со кој избегале го запалиле на патот кон селото Горно Оризари, Бубевски рече дека засега информациите што ги имаат се оние што ги знае јавноста.
„Откако е запалено возилото нема повеќе информации зашто тој дел не е покриен со соодветен видео надзор“, вели тој.
Двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи во понеделникот на 6 март. Убиени се две лица, а едно е повредено. Како што потврдија надлежните, убиените се Јетон Кривањева и Енес Исени, што соодветствува на иницијалите што ги соопшти полицијата.