Пазарот нуди различни инструменти, а трошокот или каматата е таа што дефинира кој ќе го избереме. Тоа беше одлучувачко и за нас при повторената аукција за 9-тата еврообврзница, да направиме трошокот да не биде повисок од претходната аукција, која поради технички аспекти се откажа. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во емисијата „10 Минути“ на ТВ 21.
-Граѓаните имаат право да го знаат секој детаљ. Еврообврзницата отвори многу теми, многу аспекти. Тоа што е клучно и што секој граѓанин треба да го знае е дека на аукцијата за еврообврзницата од 600 милиони евра во февруари, имаше трошокот за камата од 37,5 милиони евра. На аукцијата во март, која се повтори, бидејќи првата се откажа од технички причини, за еврообврзница од 500 милиони евра и дополнителни 100 милиони евра обезбедени преку поволен заем, трошокот за камата останува ист, рече министерот Бесими.
Посочувајќи дека еврообврзницата се издава за враќање на стари доспеани обврски во износ од 600 милиони евра, Бесими потенцира дека во ситуацијата е постапено така што за враќање на ист износ на старо задолжување имаме ист трошок во споредба со аукцијата од февруари. Односно, вели Бесими, направивме комбинација на инструменти и издадовме еврообврзница од 500 милиони евра и останатите потребни 100 милиони евра се обезбедуваат преку заем со поволни услови.
Според Бесими, ова не е едноставна операција и можеби не се постигнува идеалното, но се прави на најоптимален начин во турбулентни времиња на кризи. Она што е најзначајно, според него, е кога се излегува на меѓународниот пазар да има интерес за еврообврзницата од страна на инвеститорите, што било покажано и на последната аукција со понуда од 2 милијарди евра што покажува дека е задржан кредитниот рејтинг и кредибилитетот на земјата.
Бесими подвлече дека важен аспект е дека ова задолжување се прави за враќање стари долгови, а дека предвидениот дефицит во Буџетот од 700 милиони евра што е наменет за капитални расходи, кои се проектирани на 800 милиони евра, ќе се обезбедат преку поволни заеми од меѓународни финансиски институции, кои исто така се поддршка за економските политики и мерки планирани во Буџетот.
Во интервјуто министерот се осврна и на потпишаниот Договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатски делници од коридорите 8 и 10. Со овој важен проект, според него, се очекува позитивен придонес во растот на стапката на БДП.