Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска на прес – конференција ги образложи постапките кои што ги водеше МТВ, општината Охрид и Управниот суд, а кои се однесуваат на изградба на објект во Лагадин, во општина Охрид.
Во прилог интегралното обраќање на министерот Бочварски:
„Почитувани,
Во однос на прозивките на општина Охрид за потврдување на одобрение за градење за објект во Лагадин, сакам детално да ги појаснам постапките што ги водеше Општината, Министерството за транспорт и врски и Управен Суд.
– Во 2016 година општина Охрид на инвеститорот му издава одобрение за градење за изградба на објект во Лагадин.
– Во 2017 година истата Општина Охрид го прогласува за ништовно одобрението што самата го издала.
– Инвеститорот во неколку наврати поднесува жалба до Министерството за транспорт и врски.
– Во 2019 година Министерството за транспорт и врски ја одбива жалбата на инвеститорот и го потврдува решението на општина Охрид со што двете институции се на иста линија во однос на предметот.
– Во 2019 година инвеститорот поведува управен спор пред Управниот суд против Министерството за транспорт и врски и општина Охрид
– На 07.11.2019 година Управниот суд донесе пресуда против решението на Министерството за транспорт и врски и општината со што го задолжува Министерството да го врати предметот во општина Охрид и општината да постапи по пресудата на Судот.
– Во 2020 година општина Охрид носи ново решение за поништување на одобрението за градба и Министерството за транспорт и врски повторно ја потврдува одлуката на градоначалникот.
– Против ова решение во 2020 година инвеститорот повторно поведува управен спор пред Управниот суд против Министерството за транспорт и врски и општина Охрид.
– Конечно во 2022 година Управниот суд носи пресуда од 10 страни со детални насоки дека по поднесените докази од општина Охрид одобрението не може да биде огласено за ништовно.
– Во истата пресуда Управниот суд го задолжува Министерството за транспорт и врски да постапи мериторно и дава можност на општина Охрид да ја прегледа повторно постапката за издавање на одобрение за градење и доколку има друг основ, да го огласи за ништовно одобрението за градење.
– Овде јасно се гледа незаинтересираноста на општината да го разработи детално целиот предмет и да додаде дополнителни аргументи за поништување на одобрението, туку напротив само го потврдува претходното спротивно на насоките од Управен Суд.
– Да потенцирам дека одлуките на Управниот суд се задолжителни за сите јавни органи согласно Законот за управни спорови
– Дополнително во Министерството за транспорт и врски влезе управна инспекција и со решение ме опомена мене лично како министер и институцијата Министерство за транспорт и врски, задолжително да донесеме мериторна одлука.
– Министерство за транспорт и врски после задолженијата од Управен суд и управната инспекција носи решение со кое на општина Охрид и укажуваме дека по тој основ не може да го поништи одобрението за градење.
– Сакам да потенцирам за да биде јасно за сите. Министерството за транспорт и врски не го потврди одобрението за градење на тој објект.
– Затоа и укажавме на општина Охрид по било кој друг основ да ја разгледа постапката за издавање на одобрението за градење и прибавената документација. Затоа што тоа е одлука на највисокиот орган во оваа постапка, а тоа е Управниот Суд.
– Исто така, сакам да потенцирам дека комисијата за УНЕСКО дава препорака на општина Охрид да го преиспита одобрението за градење, во делот на целата постапка и се уште е нејасно зошто општина Охрид по 6 години од издавање на одобрението за градење не сака повторно да ја разгледа целата постапка, бидејќи се работи за објект од втора категорија во надлежност на општина Охрид.
– Нема да дозволам ниту јас, ниту Министерството и Владата да бидеме оправдание за погрешните одлуки на општината со кои што во 2016 година донеле одлука за правосилно одобрение за градење, а во наредните години бараат тоа решение да биде поништено.
– Од тука и јавно го повикувам градоначалникот Бочварски. Доколку не знае како да постапи да се обрати во стручните служби на Министерството за транспорт и врски.
– Двојната игра на градоначалникот се гледа и од неодамнешната одлука на Советот на општина Охрид да дозволи исклучоци за изградба и реконструкција на инфраструктура со што нема да се почитува планот за управување со светско, природно и културно наследство во охридскиот регион.
Сакам да потенцирам уште еднаш дека Министерството за транспорт и врски не го потврди одобрението за градење, туку постапувавме исклучиво по само еден основ од тоа одобрение кој беше оспорен, бидејќи споменатиот објект е од втора категорија и е во директна надлежност на општината.