Ковачевски: Кого лаже Мицкоски, едно кажуваат пред граѓаните, друго во странски амбасади

ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави во изминатиот период е што се крие зад народот. Едно зборуваат во амбасади, друго зборуваат пред граѓаните, рече премиерот Димитар Ковачевски прашан за очекувањето за уставни измени за кои е потребно двотретинско мнозинство од пратениците во Собранието.

-Со исклучок на осум пратеници, ВМРО-ДПМНЕ беше против зачленувањето на Македонија во НАТО. Истата партија денес е против продолжување на патот за зачленување во Европската Унија. И што прават – одат по амбасади и викаат: „Дајте ни власт, потоа ќе ни дадете период да се аклиматизираме и потоа ќе го менуваме Уставот“. Тоа го зборуваат по амбасади, може тоа да го демантираат. Кого лажат е прашањето? Дали ги лажат граѓаните дека нема да гласаат за промена на Уставот или ги лажат странските амбасади дека ќе го променат Уставот. Тоа треба да излезат и да го кажат, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Додаде дека секој пратеник има обврска да го поддржи развојот на својата држава зашто кога сме ја формирале, како што рече, „сме донеле одлука дека оваа држава ќе стане земја членка на Европската Унија и на НАТО“.

-Ако ги погледнете анкетите, ќе видите дека македонските граѓани ја идентификуваат ЕУ како најзначаен и најголем партнер на нашата држава – трговски, економски, па и како место каде што сакаат да живеат…Тие во анкетите кажуваат дека на политичарите е да ги донесат тешките одлуки. Лидерство е да донесете одлука за иднината на сегашните и идните генерации, а не да се криете зад народот, изјави премиерот.

Рече дека опозицијата прави блокади и во Собранието и дека ја блокира секоја комисија во која се носи значаен закон за граѓаните, компаниите, реформите…

– Тоа им е единствена стратегија и друга немаат. Погледнете ги 50-те општини што ги имаат и покажете една работа што ја направиле. Само сликање и изјави како нешто не чинело, кажа Ковачевски и додаде дека Владата и мнозинството во Собранието имаат капацитет за функционирање.

На прашање за Евреите одговори дека тој и коалициските партнери во Владата кажале дека со уставните измени и Евреите ќе бидат една од заедниците наведени во Уставот.

Во контекст на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблника, Ковачевски рече дека историски факт е дека нив ги транспортирале фашистите.

-Тоа се историски факти дека фашистите ги транспортирале Евреите во Треблинка, за тоа не може да има дискусија, рече Ковачевски додавајќи дека Евреите во земјава се исклучително значајна заедница.

Треба да знаете
Последни објави