Денес околу 14:30 часот на автопатот М1 кај Будимпешта во правец кон главниот град на Унгарија дошло до верижен судар во кој учествувале 37 автомобили и пет камиони.
Како што информираат од унгарската полиција, во несреќата изгореле 19 возила.
Повредени се 36 лица, на едно лице е во животна опасност, а 13 од нив се здобиле со тешки физички повреди.
На местото на настанот дошла брзата помош, пожарникари и полиција и четири хеликоптери кои исто така ги превезувале повредените.
Пал Ѓерфи, портпарол на Националната служба за брза помош им се обрати на медиумите.
„Според протоколот за масовни жртви, алармиравме неколку спасувачки хеликоптери и неколку амбулантни возила, кои пристигнаа на местото на настанот“, рече тој.
„Со оглед на големиот број повредени, жртвите се пренесени во неколку блиски болници, а со помош на спасувачки хеликоптери, доколку има потреба, тешко повредените ги транспортиравме и во подалечни болници“, додаде тој.
Несреќата најверојатно е предизвикана од прашина која ненадејно се кренала поради невремето што беснее во тој дел на Унгарија, извести Управата за патишта.
Оттаму додаваат дека за отстранување на возилата и чистење на автопатот ќе биде потребно време.