По четвртата победа во низа, скопски Вардар со 49 бодови стана новиот лидер во втолигашката фудбалска конкуренција. Вардар во 20. коло од Втората македонска лига го совлада Караорман со 4:1. Стрелци на головите за скопските „црвено-црни“ беа Николовски, Јаневски, Размоски и Митев, а за Караорман почесен погодок постигна Мишковски.
„Црвено-црните“ знаеја дека со позитивен резултат на средбата во Маџари ќе дојдат до првата позиција, можност која не ја пропуштија и ги решија без проблеми гостите од Струга.
На другите две одиграни средби од 20. коло Тетекс ја совлада Локомотива Пехчево (1:0), а Беса со истиот резултат (1:0) беше подобра од Слога Виница.
Вардар со овој триумф сега има 49 бода, Воска Спорт е второпласиран со 47, Гостивар има 45, а Пелистер 43 бода.
Во следното коло, црвено-црните“ ги чека гостување кај Локомотива Пехчево, Гостивар има лесна домашна задача со Слога Виница, а дербито се игра во Охрид каде Воска е домаќин на Пелистер.