Ѓукановиќ: Да беше жив Ѓинѓиќ, Србија веќе ќе беше членка на ЕУ

Во Белград денеска се одбележа 20-годишнината од атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ кој беше убиен на 12 март 2003 година.

По тој повод актуелната српската премиерка Ана Брнабиќ и членовите на нејзиниот кабинет положија венци во дворот на Владата, на местото каде што беше убиен Ѓинѓиќ.

Функционери и активисти на Демократската партија (ДС), вдовицата на убиениот премиер Ружица Ѓинѓиќ и членови на Фондацијата „Д-р Зоран Ѓинѓиќ“ венци положија на гробот во Алејата на заслужните граѓани.

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ потсетувајќи се на убиениот премиер порача дека Србија и регионот денес би изгледале поинаку доколку би бил жив Зоран Ѓинѓиќ.

„Зоран ќе ја постигнеше својата политичка и животна цел, Србија веќе ќе беше членка на Европската унија“, напиша Ѓукановиќ на Твитер по повод дваесет години од убиството на Ѓинѓиќ.

„Со неговото убиство долго време беше убиена европската иднина на Србија и на Западен Балкан“, додаде Ѓукановиќ.

Тој истакна дека Ѓинѓиќ му бил драг пријател и другар.

„Како и во претходните децении, и денес моите мисли се со неговото семејство. И со Србија која тагува. Слава му Зоран Ѓинѓиќ“, потенцирал Ѓукановиќ.

На 12 март 2003 година, Ѓинѓиќ беше убиен од снајпер во дворот на владината зграда, сред бел ден. Тој подоцна им подлегна на повредите во болница. Ранет беше и неговиот телохранител. Истата година дури четири обиди за негов атентат пропаднаа, а последниот само неколку недели порано.

Судот во Србија најде вина за оние што го повлекоа чкрапалото и кај оние кои ги пречекале и со возило ги одвеле напаѓачите. Меѓу нив се Милорад Улемек Легија, Звездан Јовановиќ и остатокот од групата кои се во затворот Забела. Атентатот го извршиле припадници на злогласната елитна полициска специјална единица ЈСО, т.н. Црвени беретки и една од двете најсилни криминални групи во Белград, Земунскиот клан. Легија се смета за мозок на операцијата за ликвидација, а Јовановиќ за снајперистот кој со два куршума го усмртил Ѓинѓиќ.

Треба да знаете
Последни објави