Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, се сретна со претседавачот на американскиот Еврејски Конгрес, рабин Ендру Бејкер, како и со претставникот на Еврејската заедница во Германија, Стефан Крамер и со поранешниот амбасадор на САД во Германија, Џејмс Бинденагел.
На средбата беа разменети впечатоци од одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, кое се одржа под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи.
Премиерот Ковачевски ја искористи и оваа можност за да изрази силна осуда на антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и фашизмот и додаде дека нашата држава секогаш била и ќе остане на вистинската страна на историјата. Република Северна Македонија, додаде премиерот Ковачевски, ќе продолжи да се спротивставува на сите различни форми на говор на омраза и нетолеранција и порача, мрачните злосторства врз Евреите од Македонија, во логорот во Треблинка никогаш да не се повторат.
Во таа насока, премиерот потенцираше дека во претстојниот период, во рамките на дебата за уставните измени, ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на Република Северна Македонија, што се надева дека ќе биде прифатено од сите политички субјекти во земјата.
Претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабинот Ендру Бејкер изрази благодарност на организацијата на серијата настани поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.
Поздравувајќи ја политиката на дијалог и разбирање, која ја практикува Република Северна Македонија, рабинот Бејкер нагласи дека биле потребни децении за демократските држави од Западна Европа да ја признаат сопствената улога во Холокаустот, а денес, оние кои ја искривуваат историјата на Холокаустот, тоа го прават свесно, за политички цели.