Составот на Њујорк Никс издвојува победа над Лос Анџелес Лејкерс (112-108) во последната средба која се одигра во НБА лигата.
Доста возбудувања донесе пресметката во Калифорнија, двете екипи добија по две четвртини, но гостите беа за нијанса подобри и со тоа дојдоа до резултат со кој ставија крај на серијата од три порази. Кај Никси блескаше двоецот Рендл-Берет кој искомбинира повеќе од половина кошеви на својата екипа (63), плус собра 13 скока и 7 асистенции. Своја помош даде и Квикли со 15 поени.
Расел со 33 поени и 8 асистенции беше најдобар поединец кај поразените, Дејвис имаше дабл-дабл од 17 поени и 16 скокови.
Филаделфија дојде до петтото славје во низа и тоа во пресметката со Вашингтон Визардс. „76-ките“ триумфираа со 112-93, а лидер беше кој друг ако не Ембид со 34 поени. Најголема поддршка му беше Харден со 18 поени и 14 асистенции.
Кај Вашингтон потфрлија главните играчи, па најмногу се истакна резервистот Кисперт со 25
поени.
Во првиот натпревар од неделната програма,најдобриот тим во Западната конференција, Денвер нагетс загуби од Бруклин нетс со 120:122 иако во последната секунда Никола Јокиќ имаше шут за победа.
Денвер успеа да се врати од негатива од 11 поени (105:116) во последните пет минути, но во последните моменти од средбата Јокиќ кој беше најдобар играч на теренот, два пати промаши шут за победа. Прво на пет секунди до крајот при 120:121 не беше прецизен, а потоа и на 1,8 секунди не го погоди шутот за три поени. И покрај поразот, Никола Јокиќ одигра неверојатен натпревар и дојде до 27-миот трипл-дабл сезонава со 35 поени, 20 скока и 11 асистенции. Јокиќ е првиот кошаркар во последните 40 години кој на два натпревари по ред остварил трипл-дабл со минимум 35 поени, 20 скока и 10 асистенции.