Кошаркарите на Партизан со луд пресврт го добија дербито против Црвена Звезда (92-81) во 21. коло на АБА лигата. Иако номиналниот гостин имаше во еден момент и 20 поени предност, сè тоа го прокоцка и претрпе пораз од вечниот ривал.
Партизан отвори со стартна предност, меѓутоа Црвена Звезда бргу презеде контрола и поведе и двоцифрено. Избраниците на Жељко Обрадовиќ немаа сили да парираат, заостануваа и само се одржуваа во живот, а пред полувремето дојдоа на максималните минус 20, за на одмор да заостануваат со 34-48.
Ниту во продолжението „црно-белите“ не можеа да фатат приклучок, приоѓаа близу до едноцифрената маргина, но налетите беа одбивани. Предноста се стопи во завршницата на третиот период, па Јан Мадар успеа да ја „победи сирената“ и погоди тројка за 63-66 во последната секунда.
Одлучувачката четвртина тргна катастрофално за Црвена Звезда која освен што остана без Факундо Кампацо кој беше исклучен, дозволи и серија која вкупно стоеше на 18-0 со која натпреварот целосно се сврте. До крајот на мечот момците на Жоц одиграа одлично, го задржаа ривалот на безбедна дистанца и запишаа победа.
Најдобар на паркетот беше Матијас Лесорт кој уфрли 27 поени, пред Кампацо кој заврши со 21.