Доделувањето на „Оскарите“ беше вечер на Лејди Гага – без разлика што таа не беше наградена. Како и секогаш, таа беше модната победничка на вечерта, каде што на публиката ѝ приреди гламур, сексапилност и изненадување.
Лејди Гага првпат се појави во брутален фустан на „Версаче“, кој изгледаше многу необично. Горниот дел од проѕирен корсет создаде совршени контури на фигурата, а долниот дел, здолниште со спуштена половина, беше луксузен и гламурозен.
По доминацијата на црвениот тепих, Лејди Гага направи уште едно изненадување. Таа изведе драматична трансформација кога ја отпеа својата песна Hold My Hand менувајќи ги фустанот и шминката со маица и фармерки.
Таа излезе на сцената во широка црна маица, искинати фармерки и стари чизми, ја отстрани шминката од лицето, а потоа седна на столот и ја отпеа насловната нумера на новиот филм „Топ ган“.
Гага на „Оскарите“ имаше номинација и за најдобра авторска песна токму за споменатата песна, но овој пат остана без награда.