Денеска, (13.03.2023), во Касарна Илинден Скопје се оддржа свечено одбележување на 13 Март – Денот на формирањето на Специјалната Антитерористичка Единица- „ТИГАР” и 42 години од постоењето на Единицата, во присуство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, амбасадори и полициски аташеа при амбасадите во земјава, поранешни команданти на Единицата, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар” при Бирото за Јавна безбедност во рамките на МВР.
Пред спомен плочата на загинатите припадници на САЕ-,,ТИГАР” беше положено цвеќе од страна на официјалните делегации од Влада, МВР и семејствата на загинатите припадници на Единицата, како и од делегацијата на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина предводена од министер за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ.
„Денес сите ние со гордост стоиме пред вас. Безбедноста на граѓаните ни е најважна, но како Влада подеднакво ни е важна и вашата безбедност почитувани припадници на специјалната антитерористичка единица Тигар. Наша задача како Влада е да ви ги обезбедиме најдобрите услови за работа. Она со што се гордееме е дека САЕ Тигар со својата врвна стручност и професионално извршување на задачите не се разликува од европските полиции, тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано. За вас не постои горна граница на постигнувања бидејќи секогаш се стремите да бидете подобри и јас ви честитам за тоа”, рече премиерот Ковачевски во своето обраќање.
Министерот Спасовски истакна дека кога се зборува за елитна полициска формација во безбедносниот систем на државата, станува збор за Специјалната антитерористичка единица ТИГАР при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи, која зад себе има 42 години исполнети со бројни активности, специјализирани меѓународни обуки, врвни акции и полициски операции.
„Храбро чекорејќи во петтата деценија од своето постоење, Специјалната антитерористичка единица ТИГАР се профилираше во високоспецијализиран тим на обучени полициски службеници, секогаш беспрекорно подготвени да се спротивстават на новите предизвици во борбата против тероризмот и организираниот криминал, како најголема закана на новото време. Досегашните резултати, пак, се уште еден показател дека ТИГАР како единица е позиционирана рамо до рамо со истородните формации од Европа и светот, парирајќи им како во стандардите на опременост и стручност, така и во врвно професионалното полициско постапување”, истакна министерот Спасовски.
Командантот на Специјалната антитерористичка Единица ТИГАР Драган Прокоповски истакнувајќи ја храброста и пожртвуваноста на припадниците на Единицата, потсети на седумте припадници на Специјалната антитерористичка единица-Тигар кои вршејќи ја својата должност, штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста, ги загубија своите животи.
„Оваа огромна загуба тлее во секого од нас, а споменот за нив, за нивното дело и жртвата што ја дадоа ќе живее засекогаш. Тие храбри срца живеат во срцата на сите припадници на нашата единица, бидејќи како што вели слоганот испишан на спомен плочата подигната во нивна чест “Сите даваме по нешто, но некои, односно токму тие, “дадоа се”. Тие се синоним за пожртвуваност и храброст и пример за сегашните и идни генерации. Тие се наши херои и никогаш нема да бидат заборавени”, рече командантот Прокоповски, при што ја изрази својата благодарност до раководството на МВР, заради тоа што од првиот момент го има препознаено значењето на Специјалната антитерористичка единица – Тигар, па вложувањето во неа е неизоставен дел од приоритетите на ова раководство на МВР.
Од страна на припадниците на САЕ – ТИГАР беше реализирана и видео презентација на активностите на Единицата за 2022 година, а во знак на одбележување на 42 години од формирањето на Единицата беа доделени и плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2022 година. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски додели плакета на Н.Е. Килиан Вал – амбасадор, Шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје. Воедно, беа доделени плакети на припадниците за 5, 15, 20 и 25 години служба во Единицата, а од страна на Македонскиот полициски синдикат беа доделени пригодини подароци и плакети на двајца припадници на САЕ Тигар кои годинава заминуваат во пензија.
На крајот од свеченото одбележување присутните се упатија кон Спомен куќата на САЕ „ТИГАР”.