Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска ги повика научниците да презентираат „силните факти“ за да ги натераат владите ширум светот да усвојат политики за борба против климатските промени, пред да се помине прагот на глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови.
Тој го истакна тоа во пресрет на еднонеделниот собир во швајцарскиот алпски град Интерлакен, каде се очекуваат експерти и официјални претставници од целиот свет да го финализираат последниот од седумте извештаи на панелот на научниците на ОН од Парискиот климатски договор во 2015 година.
Гутереш, во видео обраќањето до делегатите, рече дека последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) „не можеше да дојде во подобро време“.
„Нашиот свет е на крстопат, а нашата планета е на нишан“, рече Гутереш, додавајќи дека светот се приближува до точката од која нема враќање – пречекорување на меѓународно договорената граница на глобалното затоплување од 1,5 степени.
Тој праг, договорен во Париз пред речиси осум години и измерен во однос на просечните температури во прединдустриското време, стана мерило за климатските научници кои предупредуваат на опасностите од затоплување на планетата.