Денес, 13.03.2023 година, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски заедно со директорот на ЈКП Гази Баба Игор Атанасовски беа на терен низ Урбаната заедница Автокоманда каде што започна големата пролетна акција на ЈКП Гази Баба, а вооедно беше промовирано и новото возило – дигалка кое се набави за потребите на ЈКП Гази Баба со средства од буџетот на општина Гази Баба.
За посетата, градоначалникот Стефковски објави на својата официјална страна на фејсбук на која што напиша:
Продолжува модернизацијата на ЈКП Гази Баба
ЈКП Гази Баба прераснува во вистински сервис на граѓаните, а за таа цел продолжуваат и инвестициите на општина Гази Баба во обезбедувањето на нова механизација и возила.
Денес започна големата пролетна акција која ЈКП Гази Баба ќе ја спроведува во следниот период низ населените места во општина Гази Баба.
На терен во Урбаната заедница Автокоманда беше пуштена и новото возило – дигалка, која се набави со средства од буџетот на општина Гази Баба во висина од околу 2.500.000 денари и истата достигнува висина од 9.6 метри.
Со новото возило се овозможуваат услови за оддржување на уличното осветлување кое од неодамна е во надлежност на ЈКП Гази Баба, но и за кастрење на дрвата на јавните површини низ нашата општина.
Во рамки на пролетната акција која започна денес ќе се изврши чистење на јавните површини низ општината, кастрење на дрвата, како и засадување на нови садници и подигање на нови зелени површини.
Продолжува обновата на нашата Гази Баба! – напиша Стефковски.