Постапката за избор на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10д од почеток до крај беше спроведена транспарентно и според Законот за јавни набавки, порачаа денеска од Јавното претпријатие за државни патишта.
На средба со медиумите за проектот за кој се отвори дебата во јавноста околу компаниите вклучени во конзорциумот ИРД што беше избран за надзор, директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми потенцираше дека постапката поминала и на управна контрола од каде се изјасниле дека е според закон.
– Ќе ја почекаме и Антикорупциската комисија и сите институции нека го кажат својот став, рече Рустеми.
Рустеми појасни дека ЈПДП консултирале експерти од Градежен факултет и од странство за да се обезбеди транспарентен процес за изборот на правен и трансакциски консултант и надзор за инфраструктурниот проект. Откако првиот тендер беше поништен бидејќи ИГХ, избраниот оператор за надзор, не ја достави потребната банкарска гаранција за квалитет на извршени работи, постапката беше поништена и беше објавен нов тендер на кој беа доставени три понуди што беа отворени јавно.
– Комисијата, и членовите и замениците членови, работеа месец и половина и направија детална евалуација на целокупната документација, која е тука, рече Рустеми, нудејќи на увид документи од постапката која како што нагласи од почеток до крај беше спроведена според Законот за јавни набавки.
Според тој Закон, наведе Рустеми, од почеток кога е објавен тендерот, спецификацијата и документацијата за целиот процес до одлука и избор на правен и трансакциски консултант и надзор за Коридор 8 и 10д е во Електронскиот систем за јавни набавки и сите можат да ја разгледаат.
– Другите оператори што доставија понуда доставија жалба до Второстепената комисија за жалба и двете жалби беа отфрлени, по што донесовме одлука и јавно потпишавме договор, додаде Рустеми.
Од ЈПДП потенцираат дека ниту една од компаниите во конзорциумот за надзор, немала забрана за работа, односно негативна референца. Доколку имала негативна референца самиот електронски Систем за јавни набавки ќе го покажел тоа, а согласно со Законот како што се бараат документи за правното лице, се бараат и за физичко лице, сопственикот на компаниите, од Централен регистар и од судовите.
– Во ниту еден Закон не евалуираме акционери, туку компании, референци на компании. За тие компании што ние ги избравме нема забрана за работа. Членовите на комисијата се семејни луѓе и дале се од себе и од своето време да извршат евалуација. Транспарентни сме и имаме 500 страници извештај со сите три понуди, рече Рустеми.
Од ИРД, конзорциумот избран за правен и трансакциски советник и надзор, пак, исто така потенцираа дека фирмите во нивниот конзорциум немаат никаква забрана за учество во постапки за јавни набавки. – Проверуваме дали ги исполнуваат условите што се пропишани со огласот и е утврдено дека ги исполнуваат, посочија од ИРД.
Со Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри, а вредноста е 1,3 милијарди евра, без износот за проектирање и експропријацијата. Се уште не се знае колку ќе чини одделно секоја од делниците, со оглед дека сега има иницијален проект, па ќе следи основен проект, па проект на изведена состојба.
Првичните пресметки покажуваат дека делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри чини 125 милиони евра, Гостивар – Букојчани (30,3 километри) 560 милиони евра, Требеништа – Струга – Ќафасан (21,7 километри) 360 милиони евра, а Прилеп – Битола (39,4) 260 милиони евра. Автопатските делници ќе бидат со по три ленти и широки по 10,7 метри со зеленило. Просечната цена по километар треба да изнесува 12 милиони евра.
Цените се поткрепени врз основа на физибилити студијата изготвена од Градежниот факултет и ревидирана од консултантската компанија „Гранд Тортон“. Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, односно според принципот на измерени количини. Тоа значи дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен.
– Врз основа на предмерот, кој е дел од Договорот, и количините од карактеристичните профили и патниот коридор што е дефиниран се множи и се добива и цената од 1,3 милијарди евра. „Бехтел“ работи на иновативен модел кој овозможува многу брза градба на автопатот што го има применето во 90-ите во Хрватска, потоа и во другите држави од Балканот. Тој ист модел е применет и тука, појасни претставникот на ИРД.
Износот, посочи тој, може да се зголеми и да се намали. Кај делниците Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар, се работи за проширување на постоечките делници на рамен терен и не се очекува некое изненадување, а покомплицирана е изведбата на Гостивар – Букојчани, бидејќи оди во планински предел и со основниот проект ќе се знаат точните количини.
Стартни активности на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола се најавени за 22 април годинава.
Министерот за транспорт Благоја Бочварски, кој присуствуваше на брифингот потенцираше дека со Договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ во државава првпат се воведува нова пракса и со проектирање и изведба.
– Целиот регион веќе применува пракса на проектирање и градба, односно државата го делегира изведувачот истовремено да работи и на проектирање на градба. За да имаме контрола на целиот процес во Договорот и во Законот стои дека за секоја една нова техничка можност или решение во проектот изведувачот заедно со проектантот ќе треба да добијат одобрение од ЈПДП дали трасата е поволна, дали ќе се оди по една или по друга, појасни Бочварски, потсетувајќи дека праксата со работа според стандардна редовна процедура во минатото, придонесе да се работи според стари проекти со многу непредвидени активности, со нови постапки за експропријација, нови обработки на косини, потпорни ѕидови, што ги отежна активностите и доведе до дополнителни трошоци.
Според Бочварски, клучно е час поскоро да бидат затворени коридорите 8 и 10д со цел да бидеме централна држава во делот на вкрстувањето на патните коридори.
– Сметаме дека наша обврска и должност е да ги изградиме овие патни коридори за пет, а не за 25 или за 30 години со што ќе придонесеме и за посилен економски раст и развој на државата, за повеќе инвестиции, а побезбеден сообраќај а со тоа и транзитот низ државата повторно ќе го насочиме низ двата главни коридори на Балканскиот Полуостров, изјави Бочварски.
Потсетувајќи дека Европската унија минатата година го стави Коридорот 8 на мапата на главните европски коридори на Западниот Балкан, Бочварски истакна дека земјава презеде обврска да го подигне нивото на автопатски делници и на изградени железнички пруги и коридори.
На мапата на ЕУ, Коридор 10 е затворен на ниво на автопатско решение, но Коридор 8 е со многу потежок терен и се потребни сериозни градежни зафати.
Договорот со „Бехтел и Енка“, кои со Закон се номинирани за стратешки партнер од државата во проектот, беше потпишан минатата недела во Владата, а Антикорупциската комисија отвори предмет за да се проверат објавите за една од компаниите во конзорциумот избран за надзор.