Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје ќе презентира резултати од Европското општествено истражување (ЕОИ) – 10-ти бран, компаративно анкетно истражување првпат спроведено во нашата земја.
Ќе бидат презентирани национални и компаративни резултати за учеството на граѓаните во политичките процеси, ставови кон демократскиот систем, европската интеграција, климатските промени, идеолошките ориентации, оценувањето на граѓаните за демократските институции, справувањето со пандемијата КОВИД-19, дискриминацијата, миграциите, употреба на интернет и дигитални социјални контакти и скалата на човечки вредности.
Истражувањето е спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година од ИСППИ при УКИМ, преку теренска анкета на примерок од 1436 испитаници. Примерокот е подготвен во соработка со Државниот завод за статистика, а ИТ-поддршката ја обезбедил Факултетот за компјутерски науки и инженерство при УКИМ. Проектот е финансиран од Министерството за образование и наука.
-ЕОИ (European Social Survey – https://www.europeansocialsurvey.org) е проект кој во рамки на општествените истражувања во Европската Унија има статус на Европски истражувачки инфраструктурен конзорциум (European Research Infrastructure Consortium – ERIC). Истражувањето се спроведува на секои две години, почнувајќи од 2002 година, во повеќе од 35 европски земји. Опфаќа голем број општествени и политички теми релевантни во современите европски општества и е нашироко користено од научниците и општата јавност во Европа и светот, информира ИСППИ.
Собраните податоци се достапни за сите истражувачи од општествените и хуманистичките науки, државните институции, медиумите и пошироката јавност. На настанот ќе биде презентирано и упатство за нивно користење.