„Да му кажеме на Илон Маск, напиши ни техничка спецификација за софтвер за определување просечна брзина, ќе ни ја напише истата, сето тоа што јас сум го напишал. Не е направено да ограничува ниту со техника, ниту со технологија, ниту со програмски јазик или што било. Нема специфицирање на она како треба да биде. Ако сакате да ограничите ништо, ќе изберете програмски јазик што го знаат многу малку луѓе во државата”, сведочеше Рашковски кој е првообвинет во случајот „Софтвери“.
Рашковски во судницата за себе кажа дека е ,,прилично скромен човек, пред сè домаќин, татко на три деца. Професор на Правниот факултет. По некоја животна случајност и генерален секретар на Владата. Ако треба да издвојам, човек кој ги сака луѓето, а понатаму човек кој е семеен – родителите ме научиле дека моралот и етиката никогаш не смеат да бидат доведени во прашање.”
Наведувајќи ги своите научни трудови, книги и патентите, чиј автор е, тој тврдеше дека софтвер не може да се патентира кај нас ниту во Европа, туку може систем, а она што го купил како генерален секретар е различно од системот што тој си го патентирал.
Тој ги негираше вештачењата на обвинителството дека софтверот бил нефункционален бидејќи, како што рече, тој бил тестиран, за што, како пример ја наведе „Партизанска“ во Скопје каде што се случуваат најмногу сообраќајки во државата. Резултатите, рече Рашковски, покажаа дека 80 отсто од возилата ја пречекориле брзината на движење, што немало да се покаже ако софтверот не бил функционален. Исто така, додаде Рашковски, софтверот бил тестиран и на делницата Миладиновци-Штип.
Тој тврдеше и дека не е точно дека ја фаворизира „Инвока груп“ да го добие тендерот, а за нејзиниот сопственик, Даниел Станчев, кој е еден од обвинетите, рече дека го знае од студентските денови во домот „Пелагонија“, но никогаш немале интензивна комуникација ниту биле блиски. Неговата фирма, убедуваше Рашковски, законски го добила тендерот благодарение на тоа што дала најниска понуда.
Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Маја Конеска.
На денешното рочиште заврши изведувањето на материјалните докази од одбраната, а на предлог на одбраната на Драги Рашковски, тој даде исказ пред Судот.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“ од Кривичниот законик.
Фото: Слободан Ѓуриќ