Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи (МНР), Марија Захарова, реагираше на изјавата на српскиот министер за економија Раде Баста, кој е прв функционер од Белград што отворено кажа дека неговата земја треба да воведе санкции кон Русија. Србија е под голем притисок да воведе санкции кон Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи, откако српскиот министер Баста објави дека земјата треба да се приклучи на западните санкции против Москва.
-Српскиот министер за економија Баста има некое чудно размислување кога вели дека Србија треба да воведе санкции кон Русија, искоментира Захарова на Телеграм.
Србија постојано ја осудува руската инвазија на Украина во Обединетите нации и другите меѓународни тела, но не прифаќа да воведе санкции. Портпаролката на руското МНР во реакцијата посочува дека Русија, за разлика од САД, секогаш ги почитува Србија и нејзиниот народ.
-Очигледно е дека со воведување на санкции кон Русија, притисокот од САД на Србија нема да исчезне, туку само ќе се зголеми, додава Захарова. Баста преку социјалните мрежи побара Србија итно да се изјасни во врска со санкциите. -Нашата земја веќе плаќа висока цена што не воведува санкции кон Русија, а тоа станува неподносливо. Како министер за економија гледам колкав притисок се врши врз претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а ние молчиме. Тоа не можам да го прифатам. Затоа јас сум за воведување санкции кон Русија, стојам покрај претседателот Вучиќ во одбрана на државните и националните интереси и имам апсолутна доверба во него. Затоа барам од српската влада и од сите министрите да се изјаснат по ова прашање, напиша Баста на Инстаграм.