По убиството на цвеќарката Беатрикс Г. (50) во Лихтенфелс, Баварија, во тој регион расте стравот од можен сериски убиец.
Само 48 часа по убиството на цвеќарката, непознато лице на оддалеченост од шест километри од првото место, нападнало маж (39) со нож и побарало пари. Мажот во неделата вечерта околу 21 часот успеал да му побегне на напаѓачот. Сепак, „Билд“ пренесува дека нема трага од него, ниту од убијците на цвеќарницата.
Портпаролот на полицијата во Горна Франконија зборуваше за потенцијалната поврзаност помеѓу нападот и убиството во цвеќарницата.
„Полицијата стандардно проверува можни конекции“, рече тој.
Во понеделникот полицајци го блокираа влезот на цвеќарницата, а наоколу се шетаа луѓе во бели заштитни костими. Пред цвеќарницата беа оставени свеќи и цвеќиња.
Беатрикс беше убиена во петокот вечерта во мал град со приближно 20.000 жители. Ниту три дена подоцна, гратчето во Горна Франконија не мирува.
По сè уште нерасчистеното убиство, во градот расте стравот, полицијата трага по млад човек на возраст од 20 до 40 години, а многу жители се сомневаат дека сторителот е бегалец.
Сепак, полицијата вели дека засега нема докази за тоа.
Работничката во пекарница, Хајке Хепел (53), ја познавала жртвата 20 години бидејќи работела во иста населба.
Соседите велат дека жената останала во продавницата долго по затворањето подготвувајќи украси за следниот ден. Нејзиното тело било откриено дури околу 21 часот од случајни минувачи, кои се прашувале за отворената врата на продавницата и за украсите што сè уште стоеле надвор од продавницата.
Внатре го пронашле телото и веднаш ја известиле полицијата. Тие биле сослушани, но не се знае дали дале информации за можниот убиец.