Граѓанка од Скопје, во анонимна приказна објавена на платформата #деполаризирајсе, го споделува личниот проблем со долгите бирократски процедури со кои се соочила при остварување на правото на надоместок за новороденче во Министерството за труд и социјална политика:
„Се решив да поднесам документи за надоместок за новороденче во Министерството за труд и социјална политика. За првото дете не поднесов иако следуваше помош од 5000 ден, но знаејќи ги пропратните бирократии решив дека се премалку средства за нервозите кои ќе ги доживеам. Сега за второво дете, бидејќи е поголема сумата, решив да поднесам. Видов кои документи требаат од нивниот сајт, ги собрав, го испечатив и пополнив барањето од сајтот, само не можев да лоцирам каде се наоѓа Центарот за социјална работа за општина Центар (нема адреса, мапа). Фиксниот телефон кој беше ставен на сајтот ѕвонеше па исклучуваше, сè така до бескрај. Прво се упатив до „Даре Џамбаз“, па чуварот ми рече дека не е тука, дека е во пролазот кај Министерството за Правда, таму имаше друга нивна институција и ме упатија до бараките позади „Тутунски“. Почекав малку во ред, 20-тина минути. Од документите за поднесување, фалеше уште еден кој не беше напишан во потребна документација на сајтот, но среќа се земав со мене, па и тој документ го носев ( извод за родени на првото дете). Исто, формата, барањето која ја испечатив и пополнив дома, било изменето и требаше да го пополнувам повторно со истите податоци. Нејсе, помина, поднесов и ми беше дадено ливче со архивски број и рекоа дека ќе ми се јават кога ќе биде готово решението (посочија дека се чека околу 10-15 дена). После околу месец дена бидејќи не ми се јавија, вртев на фиксниот, за на крај да пишам меил на официјално лице од министерството, кое ми даде мобилен телефон. Се јавив и ми рекоа дека фиксниот не им работи неколку години, дека имам решение и дека може да го подигнам. Не можев одма да отидам, да се организирам да го оставам бебето кое е зависно од мене (цица), потоа почна и затворањето со короната, карантини, затворени градинки, социјална изолација, ризици, па отидов после два месеци да го подигнам решението. Редица пред бараката, еден час чекање на ред, кога дојде мојот ред, половина час не можеа да го најдат иако им беше евидентирано дека е изготвено. Прашања од типот, што си чекала толку, со чекање на објаснување од моја страна, зашто некој не си пратила ако не си можела. Сметам дека не смее таква комуникација да има вработен со странка. Не можеме да го најдеме сега, почекај. Ме фати инат и реков ќе чекам колку треба, но денеска ќе завршам работа, во спротивно уште еден ден ќе треба низ истото да поминувам. Чекав уште два саати да завршат со сите странки и на крај да отиде службеникот некаде позади во канцеларија и ми донесе решение за неполни 5 минути. Со тоа решение после се оди во својата банка на шалтер и после некој период ти доаѓаат 20000 денари, средства кои ти следуваат за новороденче. Сметам дека има простор за скратување на процедурите.
Ф. од Скопје (29 години)”
#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas
Извор: Приказната „НОВОРОДЕНЧЕ ВО МТСП“, објавена на платформата #деполаризирајсе.