Претседателскиот кандидат на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ синоќа соопшти дека прифатил ТВ дуел со кандидатот на Демократскиот фронт (ДФ) Андрија Мандиќ, бидејќи тоа е можност да и „помогне“ на црногорската јавност со поголема сигурност да го избере својот пат и поглед кон иднината.
Претседателските избори во Црна Гора ќе се одржат на 19 март, а Ѓукановиќ и Мандиќ се двајца од седумте кандидати и единствените кои директно ќе се соочат еден со друг. Интервјуата на сите кандидати ги организира јавниот сервис РТ Црна Гора, а првото беше организирано во четвртокот, на 9 март.
Телевизискиот дуел е договорен и ќе се емитува в четврток на 16 март, истовремено на две телевизии, Прва ТВ и Телевизија Е, а ќе ја водат двајца новинари.
Предизборните анкети покажуваат дека Црна Гора нема да добие претседател на 19 март, туку дека тоа ќе се случи во вториот круг на 2 април.
Анкетите му даваат значајна предност на Ѓукановиќ во првиот круг во однос на другите кандидати, но недоволна за победа. Покрај Ѓукановиќ, кандидати за вториот круг се Мандиќ и лидерите на Движењето Европа сега Јаков Милатовиќ и лидерот на демократите Алекса Бечиќ.