Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во интервју за Тема на денот во Дневникот на ТВ Сител изрази задоволство за последното зголемување на минималната плата на 20.175 денари што е зголемување за 2.175 денари. Секој работник ќе ја зема оваа плата како минимална почнувајќи од април годинава.
„Системските решенија кои што ги направивме минатата година даваат резултат, бидејќи платата од 15.000 кога јас дојдов како премиер сега е 20.175 денари, зборувам за минималната основна плата, без минат труд, без било какви други додатоци. Што се однесува до тоа исто така влијае и на зголемување на другите плати, само врз основа на ова зголемување на други 27.000 работници ќе им биде зголемена платата кои што ги имаат усогласено своите колективни договори со законот за минимална плата”, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот истакна дека сите плати се усогласени во приватниот сектор и ако некаде не постои усогласеност тогаш треба да се реагира, секој работник може да реагира и нормално ќе следи усогласување и ќе биде исплатено тоа што не било исплатено од моментот кога требало да се направи усогласувањето”, рече премиерот Ковачевски.
Во врска со зголемувањето на платите во јавниот сектор премиерот Ковачевски рече дека оваа дискусија треба да се отвори со синдикатите кои што ги застапуваат работниците во јавниот сектор.
„Едно е зголемување на плата, меѓутоа исто така друго е и зголемување на продуктивноста и давањето на услуги на граѓаните, бидејќи на нас, ние кои што работиме во јавниот сектор, вие од приватниот сектор ни ја плаќате платата, вие очекувате подобри услови”, рече Ковачевски.