Пензионираната професорка од Филозофскиот факултет, Виолета Ачкоска, која имаше објава на социјалните мрежи дека матурант бил отруен со дрога ставена во пијалак од понеделникот, денес била на разговор во полиција. На полицајците им кажала дека сфатила дека направила грешка. Вчера, таа го повлече објавениот статус, откако тој имаше стотици споделувања и коментари.
„Денеска (16.03.2023) во полициска станица при СВР Скопје бил извршен службен разговор со В.А., поради наведени податоци дека гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак, во објавен статус на социјалната мрежа Фејсбук, а со цел да се обезбедат евентуални дополнителни податоци во врска со случајот кои лицето може да ги има. В.А. во разговорот појаснила дека нема информација за таков настан, туку дека слушнала муабети од деца, а кога новинари телефонски ја повикале да поразговараат на темата, тогаш сфатила дека направила грешка и го избришала статусот, соопшти МВР.
Во врска со случајот од страна на СВР Скопје ќе биде известено Основното јавно обвинителство Скопје, со цел добивање насоки за понатамошни мерки и активности.
Учениците од гимназијата „Георги Димитров“ во скопски Карпош неколку дена се вознемирени од смртта на својот соученик матурант, погребан во понеделникот. Официјални информации од институциите за смртта на матурантот се само дека бил пронајден мртов на плочник пред зграда во Центар. МВР, пак ги демантираше лажните вести во врска со наводно пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје, поради употреба на дрога.
– Oвие лажни вести започнаа оркестрирано да се шират на социјалните медиуми во изминативе неколку дена, при што заедничката шпекулација за сите е дека група средношколци наводно починале од употреба на дрога во скопскиот Градски парк, а низ објавите се разликува само бројката на лица кои биле во групата, која варира од 3 па сѐ до 9, како и периодот на наводно случување на наводниот настан – од викендов, па сѐ до денеска (15.03.2023). МВР категорично ги отфрла овие лаги, бидејќи пријава за таков настан не постои. Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив. Воедно, им благодариме на медиумите кои не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции, се наведува во реакцијата од МВР