Време е лидерите на Косово, Србија и на целиот Западен Балкан да покажат храброст и да ја споделат одговорноста за успехот на пристапниот процес на регионот на ЕУ, изјави шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, во пресрет на дијалогот меѓу Белград и Приштина, што ќе се одржи викендов во Охрид.
Во блогот на високиот претставник, кој е објавен на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи, се нагласува дека тоа ќе резултира со нормализирање на животот на луѓето во регионот и ќе го отвори патот Косово и Србија да се приклучат на ЕУ.
Западен Балкан е различен, нагласува Борел, од кој било друг регион во непосредното соседство на ЕУ.
Повеќето луѓе кои живеат на Балканот сакаат да гледаат напред, а не назад, вели тој.
Шефот на европската дипломатија посочува дека мнозинството од луѓето кои живеат на Балканот сакаат да гледаат напред, а не назад.
„Штом официјално ја презедов функцијата висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Западен Балкан природно стана една од главните точки на моето внимание. Секогаш кога ќе се сретнам со претставници на граѓанското општество за време на моите многубројни посети во регионот, тие ми кажуваат едно нешто јасно: мнозинството луѓе кои живеат на Балканот не сакаат да бидат заглавени во 1990-тите, постојано соочени со враќањето на минатото. Тие сакаат да гледаат напред, а не назад, да живеат во демократија, во која владее правото, во општества кои даваат можности за сите. Желбата да се биде член на нашата заедница на вредности не е сон и ги поддржувам нивните аспирации како и целото раководство на ЕУ. Западен Балкан е дел од Европа. И тие секако не се чип што Путин би го користел во своите империјалистички соништа“, додава Борел.
Меѓутоа, за да се отвори патот кон постигнување на целта за влез во ЕУ, Србија и Косово мора да ги нормализираат односите.
Тој вели дека никој никогаш не рекол дека постигнувањето договор за нормализација ќе биде лесна задача.
„Имаше подеми и падови, а премногу често прашањата кои се сметаат за мали и технички се покажаа како многу чувствителни и политички, со потенцијал да ескалираат во насилство. Никој никогаш не рекол дека таква монументална задача како олеснување на договорот за нормализација ќе биде лесна“, рече шефот на европската дипломатија.
„Не беше лесно да се избегне конфликтот, но успеавме“, додава тој.