Скандалот со изборот на надзор за изградбата на коридорите 8 и 10Д го извади на виделина прљавиот веш на власта на Груби и Ковачевски. Овој пат буквално.
Груби и Ковачевски доделуваат тендер за надзор тежок 22 милиони евра во кој клучна е фирмата „Електра Солушн” која до неодамна се занимавала со производство на гаќи и која лиценца за А надзор извадила дури откако тендерот бил во тек.
Оваа компанија која до скоро произведувала гаќи и долна облека немала никакво искуство за надзор на изградба на патишта, а ќе добие најголем дел од овој тендер, односно 8,3 милиони евра.
Дополнително оваа компанија е во сопственост на синот Андон Ампов, и седиштето во Велес го дели со Институтот за патишта – Велес на братот Сотир Ампов – Помладиот, кој е добитник на првиот тендер за надзор, кој заради руската врска беше поништен. Да биде уште посомнително „цимер” им се хрватската фирма ИГХ со руски капитал, како што сам кажа и Груби.
Груби и Ковачевски овие информации воопшто не ги тангираат, што отвора сомнеж дека знаеле дека се работи за контроверзна компанија и сепак ја ангажирале.
Јавното обвинителство нека не изигрува смоквин лист кој го покрива срамниот скандал на Груби и Ковачевски. Разголен е веќе целиот план на оваа власт. Овде смрди на криминал и корупција. Јавното обвинителство треба веднаш да отвори постапка.