Илјадници граѓани и денеска протестираа во Атина во рамките на генералниот 24-часовен штрајк организиран од најголемите синдикати поради несреќата кај Темпи, а по завршувањето на протестот се случија мали инциденти на плоштадот Синтагма меѓу маскирани лица и полицијата.
Групата маскирани лица на централниот атински плоштад фрли неколку молотови коктели, по што полицијата одговори со солзавец и шок бомби.
Денешните собири беа масовни, а голем дел од демонстрантите од пред грчкиот Парламент се упатија кон канцелариите на „Hellenic train“, каде што и го завршија протестот.
Исто како и минатата седмица, но како и на протестите во изминатите 15 дена, граѓаните преку слогани и пораки побараа сите одговорни да бидат казнети за несреќата кај Темпи во која животот го загубија 57 лица, но и да не се повтори трагедијата.
Протести се одржаа и во други грчки градови.
Грчките синдикати на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), како и синдикатот на Комунистичката партија (ПАМЕ) утрово започнаа 24-часовен генерален штрајк.
Денеска во Грција не функционираат државните служби, затворени се училиштата, бродовите и траектите се закотвени на пристаништата, проблеми има во авионскиот сообраќај со откажани летови, поради штрајкот на контролорите на летање, а јавниот превоз во Атина ќе работи само неколку часа.