Украина бара од Сараево да воведе санкции за рускиот бизнисмен Игор Часник, бидејќи тој управува со фирмите на олигарх близок до рускиот претседател Владимир Путин, пишува сараевскиот портал „Детектор“.
Се вели дека Часник е еден од неколкуте десетици Руси кои регистрирале најмалку 30 компании во Сараево по почетокот на војната во Украина.
Како што пишува порталот, Часник ја основал компанијата во Сараево преку приватникот Кемал Муратовиќ, кој, како што се наведува, со години им нуди на странците во Босна и Херцеговина да основаат фирми и да добијат државјанство на БиХ за одредена цена.
Само во последната година, велат, регистрирал 15 фирми во сопственост на Руси, а минатата есен му помогнал на Часник да регистрира истоимена фирма со широк спектар на дејности.
Муратовиќ, пишува порталот, кој со години живеел во Руската Федерација, тврди дека не знаел кој е неговиот клиент, а Часник на руската државна телевизија го прикажувале како директор на проектите на најголемите компании за гас, додека официјалната веб-страницата на претседателот на Русија објави за посетата на Путин, каде што домаќин му бил Часник.
Поради неговата позиција во компанијата „Јамал ЛНГ“, Украина сега им предлага на другите земји да го санкционираат Часник со образложение дека приходите од гас и помагаат на Русија да ја финансира инвазијата.
Во БиХ 70 компании се во сопственост на Руси
Во Босна и Херцеговина во моментов има 70 компании во сопственост на руски државјани. Дури 30 фирми се основани или купени во последните 12 месеци, а соговорниците на „Детектор“ велат дека една третина не можат да работат бидејќи не можат да отворат главна трансакциска сметка.
Некои, велат, го надминале овој проблем со купување на веќе постоечки фирми со отворени сметки.
Според „Детектор“, мнозински сопственик на „Јамал ЛНГ“ денес е „Новатек“ – еден од најголемите руски производители на гас, во кој Часник е еден од директорите.
„Детектор“, исто така, пишува дека Часник сè уште не го започнал својот бизнис во Сараево, а неговиот посредник Муратовиќ вели дека го задржуваат банките кои не сакаат да отворат сметка за него, како и за повеќето други руски граѓани.