Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не очекува дека обвинителството ќе отвори случај за надзорот на изградбата на двата коридора во земјава.
-Јас прв го објавив овој скандал и можам да кажам дека има епски размери не само во обемот на криминал од 22 милиона евра, туку и од брутално лошиот пристап на Владата да објасни како прави криминал на отворена сцена, па се обидува да го правда со тоа што ќе бидат ангажирани експерти, а сите видовте дека станува збор за експерти од пет соседни држави кои ќе прокнижат повеќе од 22 милиона евра народни пари, изјави денеска Мицкоски во Битола.
Одговорајќи на новинарски прашања, тој истакна дека „следната влада на ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе се позанимава со тендерот за супервизија и надзор“.
ВМРО-ДПМНЕ, дополни Мицкоски, овие коридори ги има како приоритет во својата програма и и стои на располагање на „Бехтел и Енка“ за нивна доизведба.
-Не очекувам дека ова обвинителство и оваа власт ќе постапуваат, но ви ветувам дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе се позанимава со тендерот за супервизија и надзор што практично има за задача да врши надзор на градежните работи и да ги потпишува градежните книги, а врз основа на градежните книги ќе се исплаќаат пари од буџетот во процесот на реализација на Коридорот 8 и Коридорот 10 д. ВМРО-ДПМНЕ овие коридори ги има како приоритет во својата програма и што се однесува до изведбата ние сме апсолутно тука и стоиме на располагање на реномираната „Бехтел и Енка“ да помогнеме во реализација на овие два коридора, но на законски начин со вистински супернадзор, со вистинска помош што ќе ја понудиме зашто приоритет е изградба на патна инфраструктура, приоритет и во претходната и во следната програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде изградба на автопатско решение што ќе ги поврзе Прилеп – Битола со ГП Меџитлија, што ќе ги поврзе Гостивар со Кичево, а потоа и до Охрид и Ќафасан и Албанија. Изведбата на овој коридор никогаш нема да биде под знак прашање бидејќи е дел од партиските приоритети, но на законски начин. Не можеме да бидеме лицемери и стоиме на располагање на изведувачот понатаму кога ќе биде подготвен да му помогнеме. Но, исто така ви ветувам дека овие компании што се дел од процесот на избор на супервизор и надзор ќе биде и тоа како ревидиран и тоа како некој ќе сноси одговорност зашто не само што сака да украде 22 милиона евра народни пари, туку утре и преку лажните количини што ќе бидат дел од овие проекти ќе сакаат дополнителни провизии определени корумпирани политичари да ги стават во свој џеб, рече Мицкоски.
На прашањето за цените на тестенините, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека „не очекува ништо повеќе од влошување на состојбата“.
-Јас кажав дека станува збор за исклучителна неспособна, ненародна и некредибилна Влада на ДУИ поддржана од СДСМ. Една од причините зошто бараме предвремени избори е токму тоа – овие безидејници да заминат и да дојдат луѓе кои ќе знаат како да се справуваат со предизвиците. Изнудените ад-хок решенија не се решенија. Ќе ја потсетам македонската јавност дека Македонија има двојно повисока инфлација од инфлацијата во еврозоната, истакна Мицкоски.