Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска информира дека уште околу 350 лица остануваат да бидат вклучени во матичната книга за евиденција.
Таа, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, кажа дека по повикот за пријавување во матичната книга за евиденција се јавиле 700 лица кои се веќе евидентирани.
-Тоа што требаше да го направи Министерството за труд и социјална политика го направивме, но имаме проблем со банките. Луѓето имаат решение за гарантирана минимална помош, но банките не го признаваат тој број од 13 бројки, бидејќи не го сметаат за матичен број. Комуницираме со банките да може барем на оние кои имаат добиено решение за гарантирана минимална помош да извадат трансакциски сметки, а во финална подготовка се законските измени кои ги правиме заедно со Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи да откочиме онаму каде ни се јави реално проблем за да може овие лица кои се дел од нашата реалност да ги вклучиме не со привремени, туку директно со податоци, факти и докази, рече Тренчевска.