Францускиот синдикат ЦФДТ (CFDT) денеска соопшти дека протестите и штрајковите ќе продолжат во Франција, каде Владата најави дека ќе користи член од Уставот за да донесе закон за пензиските реформи.
„Ќе има нови собири против пензиската реформа“, изјави претседателот на синдикатот Лоран Берже, кој ја осуди владината мерка за заобиколување на гласањето во Парламентот за пензиската реформа.
Премиерката на Франција, Елизабет Борн, денеска во Парламентот изјави дека Владата иницира член од Уставот со кој се заобиколува усвојувањето во Парламентот на законот за пензиските реформи.
Премиерката рече дека го иницирала членот 49.3 од Уставот, според кој Владата има право сама да го заобиколи Парламентот и да донесе закон.
Лидерката на француската екстремна десница, Марин Ле Пен, денеска изјави дека ќе поднесе предлог до Парламентот за гласање недоверба на Владата.