Зголемен минималец, повисоки пензии, замрзнати цени за позадоволни граѓани

Зголемен минималец, повисоки пензии, замрзнати цени на одредени основни прехранбени производи за да има позадоволни граѓани на крајот од долгата зима. Владата тргна во „пролетната акција“ за да ги успокои граѓаните.

Ја зголеми минимална плата на 20.175 денари, пензиите ќе бидат повисоки за 8,4 отсто, ги замрзна цените на белиот и полубелиот леб на 33 денари, пониски цени за тестенините и дел од млечните производи во просек од 10 до 15 проценти, се резултатите од владината акција за да се зачува џебот на граѓаните во екот на економска криза која го тресе светот.

Непопуларни мерки на слободниот пазар, но ефикасни. Граѓаните се задоволни. Не и сите компании. Оние кои добиваа субвенции за ублажување на „струјниот уадар“ не го почитувале договорот, па ја предизвикаа Владата да посегне по мерки кои и се на располагање во вонредни околности за да го заштити стандардот на граѓаните. Мерките се времени и треба да резултираат со приближување на ставовите како треба да се делува на пазарот во кризни денови.

Според првичните информации од теренот на Пазарниот инспекторат, одлуките на Владата се почитуваат. Следниот месец, според најавите од Владата акцијата во интерес на граѓаните ќе продолжи со донесување на нови мерки. Институците треба да ги завршат анализите дали на листата со прехранбени производи кои имаат замрзната цена ќе се придодадат и шеќерот, јајцата и оризот…

-Се покажа дека владините одлуки се исправни. Нема да дозволиме профит врз грбот на граѓаните. Очекувам компаниите да имаат разбирање за општото добро. Владата продолжува да го штити стандардот и интересот на граѓаните. Носиме одлуки кои, длабоко сум убеден, ќе го подобрат животот на граѓаните, порача премиерот Димитар Ковачевски. 

Анализите за новите мерки се прават на дневна основа и нема да се дозволи никакво профитирање, а уште помалку кризата да удри само врз грбот на граѓаните. Владата ги повика производителите и увозниците да почнат со намалување на цените, бидејќи во тој случај ќе има простор и државата да им излезе во пресрет со поддршка за да ја задржат и зголемат конкурентноста на пазарот.

-Општествено одговорни компании како оние од млечната индустрија треба да бидат поддржани за да се зголеми нивната конкурентност, зошто да не почнат со инвестиции за креирање нови работни места и поголем извоз, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Треба да знаете
Последни објави