Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша закон со кој се воведуваат долги затворски казни за „дискредитација“ и ширење „лажни информации“ за која било воена организација, вклучително и озлогласената платеничка единица Вагнер група, која се бори за Русија во Украина, пишува „Москва тајмс“.
Речиси сите антивоени гласови во Русија беа замолчени откако беа забранети „дискрредитирањето“ и ширењето „намерно лажни“ информации за руските вооружени сили, набргу откако земјата ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Новиот закон, за кој лобираше основачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, го прогласи за кривично дело јавното критикување или ширењето на таканаречените „лажни информации“ за доброволните сили, како и за приватните платенички единици.
На прекршителите им се заканува казна затвор до пет години или парична казна до 300.000 рубљи (во моментов околу 3.600 евра) за „јавни акции насочени кон дискредитација на волонтерски формации, организации или поединци“ кои и помагаат на руската војска, доколку акцијата биде извршена во рок од една година на првиот престап.
Ширењето на она што властите го сметаат за „лажни информации“ за волонтери ќе се казнува со затвор до пет години или парична казна до 1,5 милиони рубљи (околу 18.000 евра).
„Секој кој денеска го ризикува својот живот за да ја гарантира безбедноста на земјата и нејзините граѓани, е заштитен од лаги и провокации“, рече претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, за законот непосредно по гласањето во долниот дом на рускиот парламент во вторникот,пренесе Индекс.хр.