Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу денеска пристигна во официјална посета на Египет на покана на неговиот египетски колега Самех Шукри, јави турската државна телевизија ТРТ-Хабер.
Чавушоглу е првиот министер за надворешни работи на Турција кој го посетил Египет во последните 11 години.
Во меѓувреме започна средбата меѓу министрите за надворешни работи на двете земји. Се очекува по разговорите двајцата да одржат заедничка прес-конференција.
Самех Шукри ја посети Турција на 27 февруари за да изрази солидарност и сочувство по земјотресите во Југоисточна Турција. За време на посетата тој се сретна со Чавушоглу.
Односите меѓу Турција и Египет се влошија откако актуелниот претседател на Египет, Абдел Фатах ал Сиси, со државен удар во 2013 година го собори тогашниот претседател на земјата, Мохамед Морси.
Од 2021 година, Анкара и Каиро разменуваат позитивни сигнали во обид да ги обноват односите.