Претседателот на Еквадор, Гиљермо Ласо соопшти дека најмалку 12 лица загинале во силниот земјотрес што денеска ја погоди земјата. Aгенциите пренесоа дека едно лице загинало во градот Куенка и три во крајбрежната држава Ел Оро. Новинарските известувања се во насока дека многу луѓе се заробени под урнатините.
Во земјотресот оштетени се куќи и згради, а бројни граѓани во паника излегоа на улиците и не сакаат да се вратат во своите живеалишта. Во Гвајакил, околу 270 километри југозападно од главниот град Кито, властите пријавија штета на згради и куќи, како и некои урнати ѕидови.
Властите наредија затворање на три тунели низ кои поминуваат за возила.
Американскиот геолошки институт објави дека земјотресот со јачина од 6,8 степени се случил во крајбрежниот регион Гвајас, околу 80 километри јужно од Гвајакил, вториот по големина град во Еквадор, додаде АП.
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) соопшти дека земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала го погодил брегот на Еквадор, а епицентарот бил на длабочина од 10 километри.
Американскиот систем за предупредување соопшти дека нема закана од цунами по земјотресот.
Видеата објавени на социјалните мрежи сведочат за драматичната ситуација. Земјотресот бил почувствуван и на северот на Перу.