Како продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, денеска во Охрид во организација на премиерот Димитар Ковачевски, а под покровителство на Европската унија, ќе се одржи средба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти.
Жозеп Борел, високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, како претставници на Брисел ќе се обидат на Вучиќ и на Курти да им ги приближат решенијата што ги предлага Запад во насока на патот кон нормализација на меѓусебните односи.
Официјален Брисел очекува на средбата да се усогласат ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот.
– Доколку тоа се случи… тогаш Западниот Балкан ќе слави голем чекор напред кон патот на Европската унија, рече Борел завчера во Тирана, каде што учествуваше на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ – Албанија. – Договорот ќе ги постави нивните односи на нова поодржлива основа и ќе обезбеди дека дијалогот ќе продолжи на неговата траекторија кон целосна нормализација, рече Борел, повторувајќи ги неговите објавени блог-коментари.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред патувањето за Охрид изрази надеж дека ќе имa пристоен разговор, со можност да се придвижат работите, но и дека не доаѓа тука со пораки, бидејќи кажал се што имал пред специјалните претставници за дијалог од ЕУ и од САД, Мирослав Лајчак и Гарбиел Ескобар. – Не патувам за Охрид со пораки, туку ги застапувам интересите на државата Србија и нашиот народ на Косово и Метохија, рече Вучиќ.
– Се надевам на пристоен разговор и дека ќе можеме да ги придвижиме работите, а дали тоа ќе се случи или не, не сум премногу оптимист. Што се однесува до Србија, Србија е секогаш подготвена да разговара за компромисни решенија, се друго знаете, ништо не сменети од парламентарните дискусии и заклучоците што ги дојдовме, рече тој
Косовскиот премиер, Албин Курти, и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар во Приштина разговараа за денешната средба во Охрид, при што Курти им се заблагодари на САД и на Ескобар за нивната посветеност и придонес во дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Владата во Приштина соопшти дека предлогот на ЕУ е „прифатен од Косово како добра основа и солидна платформа за движење напред кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со взаемно признавање “.
– Посветена, конструктивна и креативна, делегацијата на косовската влада со добра волја и добри намери патува во Охрид, се наведува во соопштението.
Косово прогласи независност од Белград во 2008 година, што беше призната од повеќето земји на ЕУ, со исклучок на Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Кипар.
Од 2011 година Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инциран и предводен од Брисел. Во 2013 година тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес.
Главниот камен на сопнување во процесот е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, што Приштина одбива да го спроведе, стравувајќи дека тоа ќе создаде ентитет сличен на Република Српска во земјата, што потоа ќе ја загрози нејзината функционалност.
Косовскиот премиер, Албин Курти, смета дека основниот договор меѓу Косово и Србија претставува напредок кон взаемно признавање меѓу двете држави. – Сметаме дека целосната нормализација на односите бара такво признавање како централна точка на договорот, вели тој.
Според најавената агенда на разговорите во Охрид, прво се предвидени одвоени средби на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Лајчак со двете делегации, а потоа е предвидена и заедничка средба. По завршувањето на средбите во вилите „Билјана“ и „Охрид“, најавено е обраќање на Борел пред медиумите.
Средби со Борел и со Лајчак ќе има и премиерот Ковачески, а најавени се и тет-а-тет средби со Вучиќ и Курти,
Инаку, за средбата има голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, со акредитирани 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи.
За време на одржувањето на состанокот на подрачјето на Охрид на сила ќе бидат соодветни безбедносни мерки, со физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти.