Поранешниот украински претседател Виктор Јушченко предупреди дека Русија нема да престане со својата експанзионистичка политика и ќе продолжи да напаѓа други земји, како што е Босна и Херцеговина, доколку сега не се запре руската агресија врз Украина.
„ Ако Украина не ја запре Русија, сега сте вие (БиХ) на ред – рече Јушченко во интервјуто објавено од босанско-херцеговската агенција „Фена“.
Јушченко беше претседател на независна Украина од 2005 до 2010 година, откако ја предводеше „Портокаловата револуција“ што доведе до соборување на промосковскиот режим.
Тој беше отруен со диоксин, а истрагата што беше спроведена ги потврди индициите за вмешаност на Русија во обидот за убиство на овој политичар кој отворено се залагаше за прозападна политичка ориентација и се залагаше за пристап на Украина за членство во НАТО.
Јушченко вели дека тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин за причините за нападот врз Украина поради наводната закана за безбедноста на руските граници се целосна глупост и посочува дека во текот на историјата, секогаш кога Украина сакала да биде независна земја, таа станувала цел на руските агресивни намери.
Тој ги нарече потполно неприфатливи повиците за прекин на војната во Украина со отворање преговори со Русија и признавање на окупацијата на делови од украинската територија, велејќи дека тоа ќе биде исто како да се преговара со Хитлер во 1942 или 1943 година.
„ Мирот може да се постигне на два начина – или си победник или капитулираш. Изберете – рече поранешниот украински претседател. Тој силно го поддржува гонењето на одговорните за воените злосторства во Украина.
„ Тие што ја започнаа оваа војна мора да завршат зад решетки. Не сакаме да ги предадеме 15 милиони Украинци кои се раселени поради оваа војна – рече Јушченко.