Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград изјави дека не го потпишал Имплементациониот анекс на Договорот за патот кон нормализација на односите на Косово и Србија од неколку причини, меѓу кои е и желбата да не прави меѓународно-правни договори со Приштина.
-Не потпишав поради неколку работи. Србија е меѓународно-правно призната држава, а она што тие го нарекуваат Република Косово, за мене не е. Поради тоа не сакам да правам меѓународно-правни договори со Република Косово“, рече Вучиќ, ден по целодневната рунда од дијалогот со премиерот на Косово Албин Курти.
Вучиќ на новинарите во Палатата Србија им кажа дека неговите изјави, со оглед на тоа што е претседател на државата, се обврзувачки, и затоа „внимателно води сметка за секој збор што го изговара“.
-Се разбира, во формално-правна смисла, тешко ќе покажете дека договор постои без потпис, но после секој самит, за секој случај, недвосмислено зборувам за нашите црвени линии кои значат дека нема да ја признаеме косовската независност, ниту да прифатиме членство на Косово во ОН“, рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија не го потпишала ни договорот, ни анексот, но дека е „спремна да работи на имплементација до своите црвени линии“.
Според него, Србија „веќе не зависи само од добрата волја на Приштина, туку и од тоа колку Белград е „спремен да направи одредени работи“.
-Секогаш зборував дека го прифаќаме концептот, дека ќе работиме на имплементација, дека сме спремни на многу повеќе од Приштина, која е спремна да потпише зашто од таму би произлегла формално-правна обврска за Србија да се согласи со косовската независност. За тоа и тоа како водиме сметка кога повторувам одредени работи како папагал, тоа не го правам затоа што сум глупав, туку затоа што добро знам што правам“, рече Вучиќ.
Тој рече дека во врска со прашањето за исчезнатите лица, вчера во Охрид ги прифатил „сите дополнителни барања на Приштина, освен едно“.
-Не можевме да го прифатиме терминот присилно исчезнување, зашто од тоа би произлегле обврски за Србија во поглед на плаќања воени оштети на Косово“, рече тој.
По целодневни преговори во Вилата Билјана во Охрид, шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел доцна синоќа изјави дека Косово и Србија постигнаа договор за тоа како да го спроведуваат договорот за нормализирање на меѓусебните односи.
„Често се вели дека ѓаволот е во деталите, но некогаш ѓаволот е во календарот, во тајмингот. За тоа разговаравме 12 часа и задоволен сум што можам да соопштам дека конечно по 12 часа, имаме договор како тоа да го направиме. Можам да соопштам дека Косово и Србија се договорија за анексот за имплементација на Договорот за патот за нормализација меѓу нив, на Косово и Србија“, рече Борел.
Борел вели дека Европската унија ќе следи дали се спроведува тоа што е договорено, бидејќи сега е дел од преговарачката рамка на Србија и на Косово на нивниот пат кон членство во ЕУ. Доколку не се почитува договорот ќе има последици.
Вучиќ уште синоќа рече дека ништо не потпишал и покрај тоа што косовскиот премиер Албин Курти цел ден барал „нешто да се потпише“.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека е постигнат јавен договор, но дека Србија бега од потпишување.
„Основниот договор е де факто признавање. Затоа, ова е де факто меѓусебно признавање на Косово и Србија“, рече Курти.
Вучиќ и Курти разговараа во Вилата Билјана во Охрид во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ. Домаќин на средбата беше македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
На разговорите присуствуваа и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Вчерашните разговори беа продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.