Бизнисот се снаоѓа и опстојува со постојната патна инфраструктура, тоа го покажуваат состојбите, но се бори со основни работи, кои треба да бидат надминати, па наместо да зборуваме за создавање поголема додадена вредност, ние понекогаш за многу работи се враќаме и наназад, вели во интервју за МИА Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и советник за економски развој и инфраструктура во Кабинетот на претседателот на Комората.
Според неа, очигледно е дека тековни и планирани инвестиции има и дека реализацијата на капитални расходи расте, меѓутоа и дека домашните градежни компании згаснуваат, а бројот на вработени опаѓа, односно голем е одливот на градежни работници. Затоа и Здружението за градежништво, вели Георгиева-Јовевска, порачува дека македонските компании треба да ја имаат носечката, а не споредната улога во сите градежни зафати.
Со Георгиева Јовевска разговаравме за потребата од навремена реализација на капиталните проекти меѓу кои и за најавената изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д и очекувањата на домашниот градежен сектор.
-Од Владата кажаа дека 650 милиони евра ќе одат за домашните компании, па затоа бараме, кога ќе започне неговата реализација, во тие 51 процент да се дефинира обезбедена работа за македонските компании во делот на проектирањето, изведбата и надзорот, кои би обезбедиле економски и стратешки развој, а кој би бил доволен за да обезбеди и редовни работни услови за работниците во домашните компании. Со ваков пристап за домашните компании ова значи и зголемување на референтната листа на изведени работи, со што фирмите стануваат поконкурентни како на домашниот, така и на странскиот пазар, вели Георгиева Јовевска.
Taa во интервјуто се осврнува и на неколку проекти кои долги години стојат нереализирани: железничката пруга кон Бугарија, експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, експресниот пат Градско – Прилеп, автопатот Кичево – Охрид и железничката пруга од Битола до Кременица, за која пред два месеци беше објавено од државата дека е завршена. За жал, посочува, не се само овие. Сите овие проекти ги заживуваат и градежништвото и другите придружни гранки во државата и влијаат врз зголемувањето на БДП.
-Доцнењето на проектите од патната инфраструктура е видливо и прави проблем и за бизнисот и за граѓаните, па затоа еден од стратешките приоритети на сите – на Владата, на сите политички партии, на коморите, на меѓународниот фактор – е потребното вклучување во носењето една заедничка стратегија, која ќе се реализира на среден рок и од која нема да се отстапи ни милиметар. Дека има нереализација и задоцнување, сите се согласуваме, но мора да имаме и согласување, односно консензус околу ваквите прашања, кои се од витално значење за правецот на движење на земјата и за нејзиниот напредок, порачува таа.
Интервјуто го пренесуваме во целост:
Пред почеток сме на најголемиот инфраструктурен проект за изградба на коридорите 8 и 10д. Кои се вашите очекувања и барања со оглед на тоа дека Здружението за градежништво и Синдикатот за градежништво веќе излегоа со укажувања и со незадоволство бидејќи сметаат дека ќе имаат минимална вклученост во него?
-Здружението за градежништво неколкупати апелираше за тешката состојба во овој сектор, која почна да се чувствува многу поизразено со почетокот на КОВИД-кризата, па траеше со енергетската криза, а продолжува да биде голем предизвик и натаму. Не само градежниот сектор, туку бизнисот во целина има тешкотии при работењето во непредвидливи и тешки времиња за стопанисување, но сега зборуваме за градежништвото. Градежниот сектор истакнува дека во овој период навистина многу ги чувствува последиците од мултикризата. Растот на трошоците за изведба, во отсуство на можност за корекција на цените кај договорите за јавни набавки, проследен со одредени законски решенија, како на пример недела неработен ден, кои негативно влијаат врз интензитетот на изведбата, го ставија и овој економски сектор во незавидна положба.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека во последните пет години бројот на градежни работници е паднат под 50 илјади, односно за само една година е намален за околу 12.000 работници. Бројките покажуваат и дека во последните години домашните градежни компании се сè помалку присутни не само на странскиот, туку и на домашниот пазар, особено кога станува збор за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и на железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10. Анализите на градежниците велат дека од средствата за капитални инвестиции, 96 проценти се одлеваат кона странски компании, наспроти само 4 проценти кон домашните компании и домашните работници. Според анализите на Здружението за градежништво при Комората, во однос на капиталните проекти, околу 1.926.859.761 евро од државата ќе се излеат кон странски компании и странски работници, а само 80.877.532,00 кон домашни компании и домашни работници, што не е добар податок за односот спрема домашните компании и домашните работници, особено ако се земе предвид дека 80 милиони евра е годишниот обрт на само една голема градежна компанија во земјава.
Изминатиот период две од трите делници на железничката пруга 8 (Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка), во вредност од околу 200 милиони евра, беа доделени на странски компании. Автопатите на Коридорот 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола), во вредност од над 1,3 милијарда евра, му се доделени на странскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Во вакви услови, компаниите (преку Здружението за градежништво, градежни материјали и неметали при СКСМ) и работниците (преку Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП), засегнати од актуелните состојби, изразија сериозна загриженост и договорија да имаат средба во Владата на највисоко ниво, за да се отвори дискусија и за да им се обезбеди максимална вклученост на домашните градежни компании во следните години, имајќи го предвид фактот дека, со оглед на големината на територијата на нашата држава, ова се најзначајните капитални проекти за неа. Очигледно е дека тековни и планирани инвестиции има и дека реализацијата на капитални расходи расте, меѓутоа и дека домашните градежни компании згаснуваат, а бројот на вработени опаѓа (односно голем е одливот на градежни работници). Затоа и Здружението за градежништво порачува дека македонските компании треба да ја имаат носечката, а не споредната улога во сите градежни зафати.
Сакаме да ја охрабриме Владата дека она во што ја увери јавноста, а тоа е дека од вкупната вредност на овие инфраструктурни проекти околу 650 милиони евра ќе бидат вложени во македонските градежни компании, треба да го покаже и на дело, но и задолжително да се држи до она што го потенцираше за предвидените пенали доколку не се испочитува рокот за изградба, односно да има одговорност за нереализација, неправилна реализација или за задоцнување на проектите.
Во 2023 година за капитални инвестиции се планирани 48,8 милијарди денари (околу 800 милиони евра), кои се за 51,8 проценти повеќе во однос на планот за 2022 година. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, во енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и во социјалниот систем, земјоделството, во културата, спортот, заштитата на животната средина и во правосудството.
Стопанството ќе биде задоволно доколку се реализираат 80 проценти од планираната сума за 2023 година. Нашите барања за сите инфраструктурни проекти се познати и нив уште еднаш и сега ќе ги повторам: целосна реализација, односно довршување на зацртаното, вклучување секако и на домашните компании во сите фази на изведба на проектите, со цел градежниот сектор најпрвин да се соземе, да застане на нозе, па потоа да ја повлече напред и целата економија.
Почетокот на овој проект го одбележуваат реакции околу изборот на надзорот, бидејќи со него првпат се воведува нов модел и во однос на проектирањето и во однос на градењето од изведувачот. Од друга страна, повеќето од инфраструктурните проекти од минатото ги обележуваа одолговлекувања и продолжувања на работите, препроектирања, нови трошоци итн. Според Вас, што треба да се преземе за да не се повторуваат ваквите состојби? Кои се дополнителните трошоци за граѓаните и загубите за бизнисот? И на едните и на другите им требаат функционална поврзаност и брз и квалитетен транспорт.
– Во нашата држава досега инфраструктурните проекти биле правени според принципот на работа: прво проектирање, кое трае со години, потоа започнува изведбата, а проектот никогаш не завршува или завршува со многу големо задоцнување. Со најновиот договор на Владата се работи на проектирање и на изведба, односно она што го испроектирала компанијата практично и ќе го изведува на терен и со тоа ќе се забрза изведувањето на работите. За нас како бизнис ова е многу важно. Овој проект е најголем во историјата на земјата во делот на инфраструктурата. Од Владата кажаа дека 650 милиони евра ќе одат за домашните компании, па затоа бараме, кога ќе започне неговата реализација, во тие 51 процент да се дефинира обезбедена работа за македонските компании во делот на проектирањето, изведбата и надзорот, кои би обезбедиле економски и стратешки развој, а кој би бил доволен за да обезбеди и редовни работни услови за работниците во домашните компании. Со ваков пристап за домашните компании ова значи и зголемување на референтната листа на изведени работи, со што фирмите стануваат поконкурентни како на домашниот, така и на странскиот пазар.
Како што Владата најави да се подели колачот од инфраструктурните инвестиции помеѓу домашните и странските компании е фер потег за сите кој треба да го поздравиме.
Важен предуслов за економски развој на една земја е економската инфраструктура, која влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност на земјата за работа и за инвестирање. Јас овде ќе наведам неколку проекти кои долги години стојат нереализирани: железничката пруга спрема Бугарија, експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, експресниот пат Градско – Прилеп, автопатот Кичево – Охрид и железничката пруга од Битола до Кременица, за која пред два месеци беше објавено од државата дека е завршена. Но, за жал, не се само овие. Сите овие проекти ги заживуваат и градежништвото и другите придружни гранки во државата и влијаат врз зголемувањето на БДП.
Доцнењето на проектите од патната инфраструктура е видливо и прави проблем и за бизнисот и за граѓаните, па затоа еден од стратешките приоритети на сите – на Владата, на сите политички партии, на коморите, на меѓународниот фактор – е потребното вклучување во носењето една заедничка стратегија, која ќе се реализира на среден рок и од која нема да се отстапи ни милиметар. Дека има нереализација и задоцнување, сите се согласуваме, но мора да имаме и согласување, односно консензус околу ваквите прашања, кои се од витално значење за правецот на движење на земјата и за нејзиниот напредок.
Задоцнувањето на инфраструктурните проекти е нотирано и во последниот извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на државата, во кој е наведено дека е потребно државава да ги зајакне оперативниот и техничкиот капацитет на сите засегнати институции вклучени во развојот на трансевропската транспортна мрежа (ТЕН-Т), а за бавната динамика предупредува и Државната ревизија (наведени се слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување на договори со изведувачи од различни причини, поведување постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, како и комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместот за експропријација, која го блокира ефикасното решавање на експропријацијата).
Не само домашните, туку и странските инвеститори се жалат на нереализација на инфраструктурните проекти. Во некои од зоните имаме ситуација на потреба од решавање на примарните прашања, какво што е на пример прашањето за приклучокот на вода и на канализациска мрежа и слично. Советот на странски инвеститори при Комората (ФИЦ) на крајот од 2022 година, во редовната анкета која ја прави меѓу своите членки, ги детектираше проблемите и на овој план, а резултатите истата покажуваат дека три приоритетни инфраструктурни прашања, кои се најважни за нивниот бизнис во следните 12 месеци се: обезбедување канализација и одведување на атмосферските води, пристапен пат и приклучување на вода.
Затоа добар план за државна инфраструктура, консензус од сите околу неговата примена, со точно утврдени рокови, и негова реализација ќе значи и големо доближување на земјата во рамките на ЕУ.
Комората веќе реагираше конкретно во однос на ненавремената реализација на капиталните проекти. Колку овој случај е во насока на продолжување на таквата пракса или навистина очекувате промени и уважување на гласот на бизнисот од Владата?
– Комората бара државата да изгради стратегија за инфраструктурата, која ќе биде поддржана од сите политички партии и од другите засегнати страни, и нуди помош при подготовката на анализа и при детектирањето на инфраструктурните проблеми во државата. Бараме реализација на инфраструктурните проекти, одговорност за нивно неисполнување и децентрализација за поголем рамномерен регионален развој. Во однос на потребата од децентрализација на надлежностите од централната на локалните власти, подвлекувам дека за стопанството од голема важност е да се забрза динамиката на децентрализација и да се заокружи процесот; да се зголемат трансферите од централната спрема локалната власт, во согласност со потребата за развој на секоја општина, со што ќе се овозможи подобрување на инфраструктурата и на условите во сите индустриски зони за компаниите. Исклучително важно е општините да обезбедат можност за развој, од една, како и стабилност во своето финансиско работење, од друга страна, за да бидат во можност навремено и во целост да ги извршуваат и своите финансиски обврски спрема приватниот сектор. Вложувањата во инфраструктурата се од витално значење за намалување на невработеноста и на сиромаштијата, за зголемување на конкурентноста на економијата, за постигнување забрзан економски раст и за порамномерен регионален развој.
Не престанавте со укажувањата дека бизнисот треба да се вклучи во носењето одлуки и закони за инфраструктурните проекти, а Владата, од друга страна, вели дека регулативата се носи во консултација со бизнис-заедницата. Можете ли со примери да ја опишете соработката околу тоа?
– И во конкретниов случај, кога станува збор за инфраструктурните проекти, бизнис-секторот во континуитет алармира на континуиран јавно-приватен дијалог, како неопходност за креирање поволен деловен амбиент, со укажување дека треба заеднички да се дејствува во насока на поддршка на домашните градежни компании. Со други зборови, во услови кога се создава можност за нови градежни инфраструктурни активности, да се создава амбиент домашната градежна оператива да има приоритет во согласност со квалитетот и со стандардите кои мора да се испочитуваат, но и од аспект на фактот дека држењето на градежништвото во кондиција значи економска стабилност во еден дел и за вкупната економија на државата, ако се има предвид фактот дека станува збор за сектор кој има сериозно учество во вкупниот домашен бруто-производ.
Навистина мора да кажам дека ние, како Стопанска комора на Северна Македонија, имаме одлична соработка, комуникација и координација со Владата и со сите државни институции со кои имаме допирна точка. Таа соработка се одвива беспрекорно од врвот, па надолу и ние не сме незадоволни од таквата соработка. Ние укажуваме на друго, а тоа е дека бизнисот очекува суштинско партнерство меѓу деловната заедница и носителите на економските политики.
Проблемите со недостигот од квалификувана работна сила се повеќе од кога било изразени, но, исто така, и потребата од стратешки вложувања во енергетски капацитети за производство на базна енергија, првенствено биогасни и хидроцентрали, но и недоволно развиената инфраструктура, недостигот од дигитални вештини и слабата дигитализација, како во јавниот сектор така и кај малите и средни претпријатија, недостигот од трансфер на знаење и задржувањето на високообразованиот кадар, кој може да придонесе за создавање производи со висока додадена вредност, се проблеми за кои треба суштински да се договориме, сите заеднички, како да ги третираме и кон што треба да се насочиме за да ги надминеме.
Како се снаоѓа, опстојува, функционира домашниот бизнис со сегашната патна и железничка мрежа за транспорт на стока? Колку го чини бизнисот сегашната состојба? Што покажуваат бројките и врз што треба да се стави акцент во наредниот период?
– Се снаоѓа и опстојува, тоа го покажуваат состојбите, но се бори со основни работи, кои треба да бидат надминати, па наместо да зборуваме за создавање поголема додадена вредност, ние понекогаш за многу работи се враќаме и наназад. Состојбите на овој план, за тоа колку неефикасната патна и железничка инфраструктура го чинат бизнисот, делумно зависат и од видот на стоката која се превезува. Некои наши компании членки укажуваат и на тоа дека понекогаш превозот на стоки им е поефикасен и поевтин со камиони, ситуација која се менува во услови кога расте цената на нафтата, а, од друга страна, пак, решението железница за голем дел од компаниите (освен за металургијата) е помалку прифатливо поради лошата поврзаност и поради времето на испорака (но не и поради прашањето за цената). Добрата патна и железничка инфраструктура може да има само придобивка за стопанството од секаков аспект. Тоа повлекува побрз и поевтин, односно поефикасен транспорт, подобро поврзување со регионот и создавање поконкурентен производ. Вложувањето во инфраструктурата има многукратни ефекти врз економијата, па затоа треба многу да се инвестира, затоа што се намалуваат транспортните трошоци и има побрз проток на стоки и на луѓе.
Има ли напредок во вашите заложби и барања за подобрување на протокот на стока на граничните премини? Безгранични бариери беше првиот најавен конкретен чекор на иницијативата „Отворен Балкан“. Од оваа временска дистанца, има ли подобрување на состојбите?
– Во јули и во август 2022 година, на најфреквентниот граничен премин Табановце-Прешево, присуствуваа лица од Стопанската комора на Северна Македонија, со цел утврдување на потенцијалните проблеми при преминот на товарни возила на овој граничен премин. Утврдени беа повеќе приоритети на кои двете држави треба да работат, со цел олеснување на протокот на стока, кои се изнесоа во јавноста, но и на состаноците на кои Комората активно учествува.
Обезбедено е соодветно напојување со електрична енергија од надлежните органи, со што се намалија прекините во снабдувањето со електрична енергија на Табановце-Прешево. Ова беше еден од клучните утврдени проблеми за гужвите што се создаваа на конкретниот граничен премин и за прекините во работењето на системите. Во однос на проширувањето на бројот на ленти на граничниот премин и на решавањето на „тесните грла“ што се јавуваат, особено во летниот период, во тек се активности меѓу двете држави за дефинирање заеднички проект, со кој ќе се овозможи проширување на бројот на ленти, а со тоа и забрзување на протокот на стока.
Стопанската комора на Северна Македонија континуирано укажува и на потребата од отстранување на нетарифните бариери за извоз во Република Србија, како и на потребата од поедноставување на процедурите во рамките на „Отворен Балкан“ и од обезбедување работно време 24/7 на сите инспекциски служби на граничниот премин.
Покрај заложбите на државните органи за решавање на одредени прашања и за одредени подобрувања, во пракса сѐ уште не се постигнати забележителни резултати во рамките на оваа иницијатива.
На почетокот на кризата Комората иницираше креирање можност за скалесто менување на цените во договорите за градежни проекти, во согласност со инфлаторните движења, поради поскапувањето на градежните материјали. Резултираше ли со нешто иницијативата?
– Производството на градежни материјали (од челик до дрвена граѓа) беше сериозно погодено од почетокот на пандемијата, при што одредени производствени капацитети беа во целосен прекин, а други се соочија со значително намалување на нарачките од деловните партнери. По повторното отворање на економиите, компаниите се трудеа да го достигнат нивото пред пандемијата и се соочуваа со предизвици, обидувајќи се да одговорат на зголемената глобална побарувачка.
Зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири за снабдување предизвикаа раст на цените на градежните производи. Како резултат на глобалните движења во индустријата, состојбата на снабдување со суровини за производство беше многу тешка и некои суровини можеа да се набават само по многу високи цени. Истовремено, времето на испорака беше значително зголемено кај сите добавувачи.
Овие чести и непредвидливи промени во понудата на репроматеријали директно влијаат врз производствените трошоци. Иако производителите во нашата држава преземаат мерки што се во нивна моќ за да ги амортизираат поскапувањата, неизбежно е зголемувањето на цените на одредени градежни производи. Поскапувањата на производите директно влијаат врз исплатливоста на реализацијата на проектите што се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба, особено во доменот на јавните набавки, при што се случува одредени договори да се склучени пред пет и повеќе години, а денес да се изведуваат според цените кои биле во моментот на склучување на тие договори. Дополнително, поскапувањата на производите влијаат и врз цените на становите, како и врз одлуките за приватни вложувања во домувањето (реновирање, реконструкција и слично), што, покрај компаниите, ги засега и приватните инвеститори и граѓаните.
Со цел прикажување на состојбите и увид во ценовните поскапувања, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите подготви анализа на цените на градежните материјали, со податоци земени преку интервјуирање на службите за снабдување и на службите за подготовка на понуди во градежните фирми, на производителите на градежни материјали и на увозниците и дистрибутерите на градежни производи. Анализата се однесува на листа на производи изработена според основните групи градежни материјали и ги опфаќа: челикот, дрвото, производите од синтетички материјали, хемиските градежни производи, производите од битумен и од масла, производите за сува градба, цементот, бетонот и керамиката. Анализата покажа значително покачување на цената на основните градежни материјали врз база на споредбени податоци. Врз основа на тоа беше доставена иницијатива за воведување антикризни економски мерки до Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, за координација на економските ресори и за инвестиции; до Фатмир Бесими, министер за финансии и до Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, но за таа иницијатива одговор сѐ уште нема. Проблемот останува актуелен.