Бугарското национално радио (БНР) доби информација за откажана екскурзија во Македонија од група туристи од Ќустендил поради лошиот однос на Македонците кон Бугарите.
„Туристичкото друштво ‘Осогово’ од Ќустендил го откажа патувањето во Северна Македонија и Скопје поради тамошната ситуација и односот кон Бугарите“, соопштиле пријавените во групата, пренесе радиото.
Информацијата ја потврдил и претседателот на друштвото, Христо Абаџиев, кој рекол дека на некои од групата им се вратени парите, а други заминале на разгледување на Кремиковскиот манастир и на знаменитостите кај Софија.
„Екскурзијата на туристичкото друштво беше откажана пред неколку дена по коментарите дека имало случаи на фрлање камења врз автобуси со бугарски туристи во Северна Македонија. До Крива Паланка се патувало мирно, но понатаму биле можни вакви инциденти. Нема официјални информации за таков однос кон бугарските туристи, коментарите се меѓу нашите тур-оператори. Жителите на Ќустендил, кои имаат блиски, пријатели, роднини во Северна Македонија, велат дека односот кон Бугарите со двојно државјанство не е добар“, се вели во прилогот на БНР.