Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање – „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на македонскиот претседател.
Пендаровски ќе присуствува и на поетски перформанс и изложба во чест на Шопов, а предвидено е да има средба и со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
Престојот во Франција, Пендаровски го почна вчера со посета на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде што оствари средба со директорот на Институтот, Жан Франсоа-Хуше, со шефот на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО,Фроса Пејоска-Бушеро и со лекторот по македонски јазик на Институтот, Ѓоко Здравески.
-Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на поетот Ацо Шопов, што се одбележува со низа настани во текот на 2023 година. Чествувањето на големиот јубилеј е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО која, на иницијатива на Република Северна Македонија, го поддржа и се вклучи во одбележувањето на јубилејот, соопшти Кабинетот на Пендаровски.