Краток период на завршување и недостиг од практична настава, која е значајна за здравствените струки, се меѓу причините за одлуката на МОН да се стави во мирување вонредното запишување на медицински струки во средните училишта, појасни министерот за образование и наука Јетон Шаќири за новата одлука за која МОН со допис ги информира училиштата.
Тој посочи дека учениците запишани вонредно, кои имале настава од две до три години, наспроти оние со целосна четиригодишна редовна настава, немаат доволно пракса и дека одлуката ја донеле согласно анализи, а и од податоци од здравствени установи за, како што рече, начинот на реализација на практичната настава.
-Причини за одлуката се начинот на реализација, практичната настава, краткото време на завршување, изјави министерот Шаќири кој денеска го посети средното земјоделско училиште „Браќа Миладиновци“.
Одлуката за мирување на вонредната настава ја донеле и затоа што имало случаи кога ученици запишани редовно во други струки истовремено се запишувале вонредно и на здравствени струки поради можноста да ги завршат за пократок период и, како што рече, да најдат полесен начин за работа надвор од државата и истовремено да имаат две средни училишта.
Министерот додаде дека ваква одлука ќе има и за други струки ако согледаат вакви ситуации.
Досега вонредно можеше да се заврши средно образование за медицинска сестра, фармацевтски техничар и за други профили од здравствена струка.
Неофицијално, заинтересирани се најчесто кандидати со завршено средно образование, кои се преквалификуваат со намера да стекнат диплома во овие области и да конкурираат за работа во странство.
Од МОН за МИА претходно соопштија дека одлуката е донесена за да се заштитат националните интереси.
-МОН испрати допис до сите училишта во кои се реализира здравствена струка, дека запишувањето вонредни ученици се става во мирување. Одлуката е донесена во насока на заштита на националните интереси, а согласно анализа на состојбите на пазарот на трудот, соопшти МОН