Вицепремиерот задолжен за европски прашања денеска се учествуваше на настанот по повод потпишувањето на Договорот за грант со Европсската инвестициска банка (ЕИБ) за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, на кој истакна дека ова е уште еден европски проект кој води кон подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, особено за скопјани и оние кои живеат по течението на Вардар.
– Ова е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот развој на Северна Македонија. Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ имаат цел да ги подобрат условите за живот на сите нашите граѓани, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Тој во своето обраќање посочи дека скопјани ќе ја добијат долгоочекувана и барана пречистителна станица, која е од витално еколошко значење и е идентификувана како еден од главните приоритети во Националната стратегија за води, Националната студија за води и Националната стратегија за инвестиции во животната средина.
– Со финансиска помош од Европската Унија веќе го програмиравме и колекторскиот систем за град Скопје, којшто е поддржан од националната оперативна програма ИПА II Сектор за животна средина и климатски промени. Со ваков тип на проекти, ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град, рече Маричиќ.
Маричиќ укажа дека токму денес, на Светскиот ден на водата, е важно сите да бидеме активни и да „бидеме промената“ во начинот на кој ја користиме и начинот на кој управуваме со водата.
– Градењето инфраструктура за собирање и третман на отпадните води е токму тоа – одговорен однос и учество во заштитата на водите. На овој начин сигурно чекориме кон исполнување на целта на Зелената агенда за Западен Балкан за заштита од загадување на воздухот, водата и почвата, рече Маричиќ.
Вицепремиерот и Национален ИПА координатор Маричиќ на крајот од своето обраќање им честита на сите засегнати страни во проектот за напорите направени за да се подготви истиот и им посака успех во неговата имплементација, потенцирајќи дека ова е најдобриот начин да придонесеме во исполнувањето на обврските од преговарачкиот процес.
– Апелирам да работиме заеднички, плански и стратешки да ги користиме европските средства, за да имаме повеќе вакви проекти. Владата останува посветена на соработката со сите партнери со цел ефикасно спроведување на проектите, особено во контекст на потребата од постојано подобрување на животната средина, рече Маричиќ.
На настанот по повод потпишувањето на Договорот за гранд со ЕИБ за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје се обрати и евроамбасадорот Дејвид Гир, како и потписниците на Договорот, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, евроамбасадорот Дејвид Гир и заменик претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова.