Шведските пратеници денеска со големо мнозинство изгласаа приклучување на Шведска во НАТО, што претставува историска промена на одбранбената политика на неврзување.
Со 269 гласа „за“ и 37 „против“, 349-члениот Риксдаген, односно Парламентот, го одобри пристапот на Шведска во НАТО. На парламентарната седница не присуствуваа 43 пратеници. Тоа беше последната неопходна домашна пречка за земјата да стане дел од 30-члената западна воена алијанса.
Шест од осумте партии претставени во парламентот се за членство во НАТО, а гласањето што следеше по речиси седумчасовна дебата се сметаше за формалност.
– Членството во НАТО е најдобриот начин да се заштити безбедноста на Шведска, рече министерот за надворешни работи Тобијас Билстром за време на дискусиите. Тој го нарече „историски настан“ и „една од најважните безбедносни политички одлуки досега за нашата земја“.
Сепак, Шведска може да се приклучи на НАТО само откако нејзината апликација ќе биде едногласно прифатена од сегашните членки. Сите го направија тоа, освен Унгарија и Турција.
Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО минатата година поради зголемената загриженост за безбедноста откако Русија ја нападна Украина, но наидоа на блокада во Турција, која вели дека Стокхолм бил засолниште за членовите на терористичките групи.
Анкара неодамна посочи дека може да го одобри само влезот на Финска во НАТО.